Зошто заборавам да се заблагодарам за невидливите работи?
Се разбудив денес, можам да ги отворам очите и повторно да ја почувствувам светлината која насилно влегува во моите зеници правејќи да се чувствувам непријатно. Ја кревам главата и го чувствувам убавиот мирис на ванила од освежувачот во десниот агол од просторијата.
Душекот е мек, а креветот голем и удобен, над главата имам покрив, а во телото топлина која продира низ целата соба. Се будам и си велам фала ти Боже, фала ти Боже за сѐ она што знаев да го земам здраво за готово.
Преплавени од секојдневните обврски ние луѓето си правевме непотребен притисок за работите кои не одат според нашиот тек и мислевме дека ние сме создадени да бидеме губитници кога сè ќе тргнеше наопаку. Си дававме за право да помислиме дека не можеме да постигнеме ништо, иако сме постигнале многу.
Одам на огледалото и гледам човек, не е совршен, има по некој крив заб во устата, косата не му е совршено потшишана, не е мускулест, туку е нормален, обичен човек со сите свои маани. Но, имаше нешто посебно во тој човек, нешто што не можеше да биде видено во огледалото, нешто што заборавав да го гледам секојдневно. Нешто што беше присутно, а сепак беше отсутно, ако не знаеш каде да го побараш.
Во отсјајот на неговата става не се гледаше неговата макотрпна работа, желбата за успех и самиот труд кој го вложува за да биде голем човек во животот. Таму не се гледаше неговото благородно срце кое наоѓаше време и љубов за секого, без разлика на сѐ. Во отсјајот не се покажуваше неговата страст кон жената која ја љуби, ниту пасијата кон работите кои ги прави.
Ја немаше болката која тече низ неговиот крвоносен систем, ниту па тагата која знае да го натера да пушти некоја солза. Ги немаше сите успеси кои ги постигнал, сите насмевки кои ги украл и сите луѓе кои ги направил среќни. Таму во огледалото имаше само еден обичен човек.
Кој бев јас да му судам нему?
Зарем сѐ она што создал и сè она што направил за јас да можам да се разбудам денес во состојбата во која се разбудив не беше доволно, зошто барав влакно во јајцето?
Зошто едноставно не можев секојдневно да се заблагодарам на работите кои не беа видливи, а ме правеа среќен?
Зошто му судев на неговата надворешност кога тој имаше многу повеќе од тоа. Зошто кога работите ќе тргнеа наопаку јас го обвинував него, а не светот. Зарем мораше секогаш да бидам толку самокритичен?
Тој ќе ме погледне, колку и да не ми е до смеење ќе се насмее, ќе го слушнам неговиот глас кој никој друг не го слуша, ќе ми рече „Немој да очајуваш, не дозволувај духот да ти опадне, ти можеш, ти ќе успееш, не биди плачко, биди борец” и потоа онемува, како ништо да не рекол.
Во тие контрадикторности не знам веќе ни кој сум јас, ни кој е тој, но секогаш кога ќе дојдам да го критикувам, сфаќам дека сето тоа се случува за тој односно јас стигнам до најблиската точка до совршенството, како еден лимес кој тежнее кон бесконечноста. Можеби никогаш нема да ја достигнам, но ќе бидам што е можно поблиску до неа.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело