Ало, дали се слушаме?
Здраво, мислам дека не сме се запознале, всушност јас не те познавам, ама очигледно не ме познаваш ниту ти бидејќи веќе 15 минути „јадеш бурек“ за моето име, без да забележиш дека јас сум тука во кругов и се смеам на твоите измислици.
Не се поцрвенувај, не пробувај да се извиниш, нема потреба, сигурно ти го уништив твојот момент на слава за да бидеш фраер во друштвото, навредувајќи некој кој ниту го знаеш ниту го познаваш доволно добро, за да зборуваш. Всушност имаш причина, не одбра некој случаен, туку одбра некој за подбив, некој кому му завидуваш.
Во твојот вештачки хумор и во тие лажни насмевки кои ги слушнав наоколу, јас ја препознав твојата тага, твојата завист и твојот очај. Можеш да ме наречеш глуп, очаен, депресивен, смотан, можеш да зборуваш за моите вишок килограми, можеш да кажеш дека си ме видел со дебела девојка, можеш да ме наречеш геј. Дали тоа те прави поуспешен од мене?
Самиот си свесен зошто го користиш моето име, ти пречи, секој мој успех те нервира, секој мој прескок од просечното кон натпросечното ти оди по живци, посакуваш да ме нема. Посакуваш да замолчам и никогаш да не се појавам бидејќи си свесен дека никогаш нема да ме надминеш.
Затоа што времето кое ти го трошиш да смислиш нова шега на моја сметка и да ме омаловажиш додека поминувам, јас го насочувам за да се посветам на себеси. Да ги усовршам сопствените мани, да ги подобрам моите перформанси и да бидам подобар од вчера. Дали ти си подобар од вчера?
Зошто ме гледаш зачудено или болно е кога некој ќе ти ја сервира вистината пред кругот до пред малку се смееше на твоите лаги. Отсекогаш сум се прашувал зошто луѓето ја имаат потребата да копаат по туѓи тунели и да носат грешни заклуоци од знаците кои ќе ги најдат таму.
Имаш ли да понудиш нешто друго различно од навреди, еве на пример јас никогаш нема да те навредам, зошто мојата интелегенција не ми дозволува. Знам дека после ова ќе се потсмеваш и тие ќе се смеат на твоите глупости. Но, знаеш што? И самиот си свесен дека тоа не е искрено, зошто она што ти го правиш на другите ќе ти се врати токму тебе, како непосакувана карма која ќе те направи да живееш осамено.
Те храни ли злобата, ти помага ли тоа одвратно чувство на вреѓање да се увствуваш повреден од другите? Ти треба ли помош за да не се чувствуваш така?
Зошто молчиш? Ало господине злоба, дали се слушаме?
Размисли што ти реков, не мора да ме послушаш, знам дека нема, но немој да мислиш дека тие зборови ќе ме запрат, дека тие зборови ќе ме натераат да се тргнам од мојата патека. Јас знам кој сум и каде одам, јас знам што да направам. Јас сум доволно силен психички за да се справам со твоите глупости и уште еднаш да те надминам за да ти докажам каде ти е местото.
А каде си ти, дали направи прогрес од вчера или пак си на истото место, „јадеш бурек“ секој ден одново и одново за секоја различна личност која ќе ти падне на паметот?
Уште нешто сакам да додадам, нека ти е на здравје!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело