Не смеев да дозволам да се изгубам себеси
Велат немој да бидеш заслепен од големите светла, не верувај секому и чувај се од непознатите места, таму најлесно можеш да се изгубиш. Реченици кои мислев дека ги зборуваат само да те заплашат, реченици кои мислев дека излегуваат од устите на љубоморните набљудувачи, реченици кои можеби звучат излитено, а сепак се вистина. Барем беа мојата вистина.
Во мојот живот, на мојата патека тргнав скромно, живеев скромно и никогаш не лакомев по големите цифри и по нечесните начини на заработување на пари.
Секогаш гледав образот да ми биде чист и свеста да ми биде мирна кога ќе легнам навечер. Не пиев, не пушев, никогаш не влегов во казино, едноставно бев човек без дамка на себе. Се така некаде до моите дваесети години кога се преселив во главниот град. Велат ништо не може да те смени, а јас би рекол не може да се смени само оној кој навистина има цврст карактер, а не оној кој зборува дека го има.
Дојдоа многу луѓе наеднаш, многу случки наеднаш, се најдов сам со целата слобода на светот без никој да може да ми каже ниту збор.Почна моето расипување и моето конзумирање на отровите кои ги нудеше големиот град. Почнав да пребарувам, да се занесувам, се срамев од моите и моето потекло, почнав да правам работи кои порано не можев да ги замислам.
Зборував различно, го сменав својот став и стил на облекување, моите размислувања и идеали.Станав себичен, користољубив, станав идиот, станав клошар. Мислев дека сето тоа ме прави да бидам нешто над другите, а бев слеп да увидам дека тоа всушност ме прави да бидам многу под другите. Го живеев мојот филм, мојот филм во сосем погрешен жанр.
Во таа бркотница да бидам виден, да го знаат моето име од сосема погрешни причини, јас се изгубив себеси, изгубив чувство за тоа како треба да изгледа вистинска љубов и вистинско пријателство. Луѓето со кои се опкружив се оние погрешните, бидејќи вистинските одамна заминаа.
Ги отфрлав добрите девојки околу мене, мислејќи дека јас заслужувам авион крај себе, а кога добив авион со сакапана душа, ме скапа и мене и ми остави трага за навек. Наместо искрени емоции, добив лага, изневерување и нервози, токму она што го заслужив, кога сите прибрани девојки не беа доволно добри за мојот глупав критериум.
Но нема враќање назад, еднаш штом штетата е направена, човек треба да биде свесен дека тој самиот ќе се сноси со последиците од истата. Ме болеше душата, но немав што да направам, јас бев самиот виновен.
Вечерва сум сам на шанкот, пијам за неа, која што ме остави, за сите блиски пријатели кои си заминаа, а вредеа многу, само јас бев премногу зафатен со тоа да бидам популарен, незнаејќи да го ценам нивното присуство.
Пијам за промената која не смееше да се случи и за големите градови, кои според некои закони ја имаа моќта да го сменат човекот од сржта, секако ако тој тоа го дозволи.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело