Омилени македонски детски книги кои ќе ве вратат во детството
Големи и мали – Бошко Смаќоски
Диме-Такси кој ги дочекува сите на почетокот на улицата Караорманска, младиот студент Стево кој живее под кирија кај тетка Донка, чиј син Раде е вљубен во Буба, онаа Буба на Важната и чичко Милан кој им ги дупнува топките на дечињата... невозможно е да не ја сакате оваа преубава детска книга од Бошко Смаќоски, според која има снимено и тв серија.
Дружината братско стебло – Јован Стрезовски
„Целата училница клокоти и врие. Јас вртам цртеж и го гледам: и право и отстрана, но никако не ми оди од рака, споредувам, но лицето не е како на учителката. Особено носот“.
Икслучително смешна и тажна приказна истовремено, за животот на група дечиња кои ќе го врежат името на својата група во едно дрво, сведок на нивното постоење.
Бојан – Глигор Поповски
Бојан е македонската Хајди. Тоа би бил најсоодветниот опис за оваа детска книга и храбриот Бојан кој ќе мора да остане сам да се грижи за колибата и стоката на својот дедо на планината Грамадна.
Тој ќе мора да помине неколку тешки препреки – снегот на планината, нападот од волците, неговата болест... како Бојан ќе се справи со сето тоа?
Волшебното самарче – Ванчо Николески
„Волшебното самарче“ е роман-темелник во македонската детска литература. Тој отсликува неверојатна приказна и нè учи колку децата може да бидат храбри и пожртвувани кога се работи за татковината и слободата.
Дрварчето Трајче со своето коњче Дорчо ќе остане засекогаш во вашите сеќавања, како и качамакот зготвен во војнички шлем.
Силјан Штркот – Марко Цепенков
Приказната која започнува во селото Мало Коњари го следи разгалениот и непослушен Силјан, кој го стигнува родителската клетва и завршува во чудната земја на штрковите, осамен и тажен.
На еден особено интересен начин се претставени созревањето, преобразбата на еден млад човек и значењето на семејството, традицијата и домот.
Девојчето со две имиња – Јадранка Владова
Малата Неда е приморана да се раздели од својата мајка и сестричката поради разводот на родителите. Нејзината приказна од Скопје се сели во Прага. Исткаена со многу авантура, прекрасна поука и описи, „Девојчето со две имиња“ несомнено ќе ви измами неколку солзи.
Белото циганче – Видое Подгорец
Баба Мулон го пронаѓа Таруно, момче напуштено од своите родители за време на војната и тоа станува дел од тајфата Роми кои живеат под отворено небо и постојано се селат, преживувајќи од трудот на своите две раце. Емотивна приказна со живописни описи и многу прашања за размислување.
Калеш Анѓа – Стале Попов
Храбрата Калеш Анѓа која најмногу од сè го цени своето потекло, традицијата и своето огниште е најдобар илустратор за противењето на македонските девојки против потурчувањето, нивната самосвесност за соптвениот идентитет.
Ова е просто задолжителна лектира за македонската историја.
(О)Милена | Црнобело