Омилени македонски детски книги кои ќе ве вратат во детството
Се надеваме дека овој список на книги ќе делува како времеплов и барем за миг ќе направи да се вратите години наназад, во времето кога редовно се позајмуваа книги од библиотека или го чекавте другарчето да заврши со читање за вие да ја земете книгата.
Сите детски книги се убави, но македонските се особено интересни.
Можеби заради мајчиниот јазик, описите на локации кои лесно ги препознаваме, па поради тоа ги чувствуваме уште поблиски и свои, ликовите со кои може да се постоветиме...
Која беше вашата омилена македонска детска книга?
Зоки Поки од Оливера Николова
Ниту еден список со омилени детски книги не може да помине без култната Зоки Поки.
Палавкото од нашето детство, дружбата со Лидија, неговата мила баба и бонбоните што го претставуваа сиот свет се нашите спомени од едно прекрасно минато време.
Втората смена – Велко Неделковски
Сите се соживеавме со малиот Николче и неговото летување во Струга.
Кој може да заборави на првото љубовно разочарување со Маргарита и прашањето – колку долго се памети првата љубов?
Девојките на Марко – Оливера Николова
Славе, најмалиот од тројцата браќа крои брилијантен план како да го спаси брат му Марко кој е дојден на воено отсуство од девојките кои сакаат да го дружат. Хумористична и топла приказна за растењето, созревањето и најубавите младешки години.
Касни-порасни – Петре М. Андреевски
Кусите песнички за сливата, јаготката, лимонот и сите останати овошја ја раскажуваат најслатката приказна на нашето детство.
Петре Андреевски навистина знаел што сакаат дечињата. Оваа книга останува една од најомилените.
Шеќерна приказна – Славко Јаневски
Почетокот го означува чудниот настан во градот Негобило и прошетката на Шеќерното дете.
Во план е имагинацијата на Славко Јаневски да се проектира и на филмското платно и со нетрпение ги очекуваме слаткарот Марко, арамијата Црна Шубара и волшебникот Тарара во визуелно издание.
Марта – Горјан Петревски
Роман за деца и младинци кој ја освои македонската читачка публика.
Борко и Витан или уште познат како Витез се борат за срцето на убавата паметна Марта, а од истиот автор побарајте ја и „Споменка“, „Снеговите на Климентина Евин“ и „Исти очи“.
Телефонот е во прекин – Томе Арсовски
Уште една прекрасна тинејџерка книга која ги следи авантурите на близначките Сандра и Симона, нивната прва работа за време на летото, првиот одмор и нормално – првото љубовно разочарување. Урбана приказна на која долго ќе се сеќавате.