Македонец во ОАЕ: Животот во Абу Даби не би го менувал за ништо на светот
Приказната започнува како и секоја друга. Надежите за просперитет и вработување пропаѓаат во вода веднаш по завршувањето на факултетот, поради што голем дел од младите решаваат да заминат во странство, во потрага по сопствената среќа и пристојна егзистенција.
С не е исклучок. Тој повеќе од 3 години живее во Абу Даби и вели дека не би го менувал за ништо на светот.
„Голем дел од популацијата е во заблуда кога станува збор за главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Значи Дубаи не е главниот град, туку Абу Даби. Абу Даби во принцип е како постар брат на Дубаи, што му зајмува пари на своето помало братче, кога Дубаи сака да си купи нова скапа играчка“, ја започнува со хумор својата приказна 30-годишниот С од Македонија.
„Дубаи е одличен за туристи, за шетање и кратки посети. Но, кога станува збор за живот и работа, Абу Даби е во поголема предност. Не е пренатрупан како Дубаи, нема сообраќај како Дубаи, ниту пак социјален притисок. Абу Даби е перфектен град за живот“.
ОАЕ обединуваат 7 емирати (градови), а останатите 5 се како „селца“ во споредба со Дубаи и Абу Даби. Не е ниту чудно што целиот гламур и луксуз е сместен токму во овие 2 емирати.
Интересен факт е што зборот мештанин (local) во ОАЕ има навистина големо значење. Староседелците уживаат многу права и привилегии. Можете да ја работите истата работна позиција со мештанинот, а неговата плата ќе биде 5-10 пати повисока од вашата.
Ако прашањето ви е – „Што бараш ти таму за 5 пати пониска плата од таа на локалното население?, одговорот е крајно едноставен – Земам добра плата!“
Ова е наједноставната аналогија која објаснува за колку богата земја станува збор.
С работи како личен тренер во една од најпрестижните и најреномираните светски фитнес компании. Франшизата го отворила својот пат во Абу Даби, со цел да ја подигне националната свест за фитнес култура, бидејќи ОАЕ се вбројува во една од „најдебелите“ држави во светот на 13-тото место, веднаш зад САД.
С вели дека тоа ја прави неговата професија интензивна, динамична, практична, но и полна со предизвици.
Работата која ја работиш, треба да носи и поинаква сатисфакција, освен паричната.
Локалното население брои 1.4 милиони, од вкупно 9.2 милиони жители, што значи дека бројот на странците е доминантен, па логично е што законите во Абу Даби не се стриктно арапски, туку модификувани и прилагодени според културата на странците, особено оние од запад.
Да наброиме, алкохол, проституција, организирање гласни забави, комерцијална музика, носење на кратки панталони и шорцеви на јавни места, слободно изразување на сексуалната, верската или каква и да било друга определба – сè е дозволено во Абу Даби, исто како и на запад.
Криминалната стапка е особено ниска во Абу Даби. Дури и „најопасните“ квартови се сосема сигурни за движење, макар било и 3 часот наутро.
Тоа делумно се должи на високите затворски казни и ризикот од екстрадиција за криминални дела или поседување дрога, а најмногу заради истенчената селективност на властите во ОАЕ за издавање на работна виза.
А никој, апсолутно никој не сака да го загуби правото на престој и работа во ОАЕ. Затоа ретко кој создава проблеми.
Најлесно може да запознаеш девојки преку Tinder. Тука за жал не постојат другари кои ќе ти „наместат“ женска како што е во Македонија. Принципот на запознавање и состанување е прилично различен од дома.
„Не ми недостасува Македонија засега. Работам работа во која уживам, заработувам одлично.
Имам многу пријатели од целиот Балкан, но и останатите делови од светот.
Не планирам да се вратам наскоро дома. Не би го менувал мојот живот тука за тој во Македонија.
Ништо не е совршено, но животот во Абу Даби прилично се приближува до тоа“, завршува С.
(О)Милена | Црнобело