Моето ретро Нинтендо е денешниот Xbox
Кога бев малечка, родителите постојано повторуваа една иста реченица како стара расипана лента: „Леле деца, какви сте! Во наше време ова немаше! Па, ние бевме деца за пример, вие на што личите? Безобразие!“
Не можам да ви опишам колку жолчно ме иритираа овие изјави. Не бев способна да сфатам како толку се разликуваме со нашите родители, не ми влегуваше во глава удирањето со стапче по рацете во нивното време или седењето на некакви си гравчиња, сите методи на воспитување кои потсетуваа на средновековно мачење.
Зошто веднаш по станувањето гледаме телевизија, не ли нè здоболеа прстите од тетризот, оставете го веќе еднаш тоа проклето Нинтендо! Ќе се приберете ли еднаш веќе дома, уште ли пари за флипери, каде ви е топката, нели минатата недела собиравте пари за нова?
Тогаш, само си мислев како никогаш нема да ги изговорам нивните зборови. Никогаш нема да речам – „Леле деца какви сте, ние во наше време не бевме вакви“.
И бидна. Реков. Ми дојде толку природно, спонтано, како да тлеело некаде во мојата ДНК, која по кој знае којпат ми укажува дека крвта не е вода.
Им се чудиме на дечињата и ги обвинуваме, а не сфаќаме дека тоа што за нас беше тетризот, за нив е таблетот, а моето ретро Нинтендо е денешниот Xbox.
Во екот на неговото детство и тинејџерство, најгромогласни се Фејсбук, Инстаграм и Снепчет, исто како што во нашето време беше Мирцот или Hi5.
Секое ново време носи нови промени. И не можеме да ги сопреме. Верувам дека и овие генерации во иднина ќе се чудат на новите изуми, па можеби и некој од нив ќе им каже на своите деца или внуци – „Во моето време не беше вака“.
Чувствувам потреба да застанам малку во одбрана на денешните деца. Не е дека се совршени, не е дека немаат маани. Разгалени се, по малку килави, невоспитани и ретко кое ја познава реалноста.
Но, тоа не е до нив. Тоа е до родителите.
Ако се работи, се разговара со нив, им се посветува квалитетно внимание, ако се запознаат со книгите и природата и се научат на ред и дисциплина, дечињата се секогаш прекрасни, без оглед на декадата.
И никакви нови промени, изуми или технологии нема да го променат тоа.
(О)Милена | Црнобело