Кога умира вашето милениче, неповратно губите дел од своето срце

Многумина нема да го разберат текстот, но тоа не е ни важно. Важно е дека ќе го прочитаат и можеби во мал дел ќе разберат и ќе сфатат што значи да се има и да се сака милениче.

Koga-umira-vasheto-mileniche-nepovratno-gubite-del-od-svoeto-srce-001.jpg

Бидејќи тоа е повеќе од домашно милениче. Кога го внесувате во домот, тоа станува дел од вашето семејство. Звучи неверојатно смешно, за некои можеби и лажно, но навистина е така.

Малкумина ги разбираат првите непроспани ноќи додека миленичето е малечко и бдеете над него како врз новороденче. Споредбата можеби е неправедна, да – миленичето никогаш нема да е исто како дете, но и тоа е само бебе, невина душичка која за првпат прогледува, а вие сте тука да го запознаете со светот.

Само дел ќе ја сфатат болката кога миленичето е болно или алергично на некоја храна. Или жртвата кога последните пари ќе ги дадете за вакцинација или специјална храна. Бидејќи тоа е ваша одговорност и вие практично сте одговорни за неговата среќа.

А наградата? Што ќе добиете доколку вашето милениче е среќно? Дупло поголема среќа и малку повеќе, за оние дождливи денови кога нема да е повеќе тука, а вие со меланхолија, но и насмевка ќе се присетувате на него.

Тие умеат да слушаат. Тие разбираат без зборови, ја чувствуваат вашата енергија. Кога бев тажна, се колнам дека и моето кученце имаше насолзени очи. Кога влегував бучно и насмеано во домот тоа трчаше оддалеку, весело скокаше и се радуваше, како да сакаше да ја помножиме мојата среќа.

Бела беше воспитана и мила како ниедно друго куче. Питома и кротка, одвај лаеше. Мајка ми често велеше дека не е скроена да нè штити од крадци, бидејќи ако некој се обиде да нè ограби, ќе ѝ биде жал да му залае. Но, јас знаев дека тоа не е точно. Бидејќи знам како ги остреше забите и погледот кога некој ќе ни се развикаше на улицата. Им дозволуваше на малите дечиња да ѝ се качуваат како на некое мало пони коњче. Се валкаа во тревата, ѝ ставаа цветчиња над главата, а таа молкум ги трпеше слатките тортури. Мислам дека живееше за да гледа како другите се смеат, затоа што тогаш мафташе со опашот, а очињата ѝ светкаа.

Не беше лакома, туку скромна. Макар масата била преполна со нејзината омилена храна, никогаш не посегнуваше додека не ѝ дадеш да јаде. Наутро стражареше пред мојата врата додека да се разбудам од спиење, не испуштајќи ниту звук за да не ми го прекине сонот.

Денот кога не дојде дома знаев дека нешто ѝ се случило. Затоа што ние не ја држевме врзана и покрај специјалната куќичка во дворот. Таа шеташе каде што ќе посака, но на крајот од денот секогаш се враќаше дома.

Некој ја прегазил нашата Бела. Ја најдовме неколку улички подолу и чинам дека имаше солзи кои се слеваа низ нејзиното убаво муце. Можеби од тага, затоа што не успеавме да се збогуваме.

Секој што имал милениче, ќе ви каже дека се обидел да има и уште неколку потоа. И навистина, љубовта и грижата се тука, но никогаш нема да бидат како првото душиче.

Неминовно ќе вршите споредба со првото и ќе го барате нејзиниот поглед и карактер во другите што ќе следуваат.

Не знам дали си ја спомнуваме Бела и ден-денеска затоа што беше многу мила и мирна, или затоа што ни замина на таков суров начин, или можеби затоа што ја изгубив додека бев многу млада, па тоа остави длабока лузна во мојата душа. Само знам дека кога умре Бела, неповратно изгубив дел од моето срце, бидејќи таа го зема со себе.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Среќата за секого е нешто различно - за едни е совршено исчистен дом, за други лице без брчки „Родителите и децата се вртеа во соблекувалната на градинката. Мали принцези со ...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Отворено писмо до мојот татко кој никогаш не беше тука за мене“ „Никогаш нема да можеш да ми ги вратиш оние години што ги пропушти. Никогаш нема...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg