Дада, те сакам – Сестринската љубов е нераскинлива нишка
Денеска, на мојот 25-ти роденден, би сакала да ти кажам неколку нешта...
Извини што не те дружев толку многу додека игравме на улицата како малечки. Јас имав 9 години, се замислував голема, а ти само 4 годинки, и не разбираше ништо.
Досадно се влечеше по мене и моите другарки, додека зборувавме колку е убав Коста од одделение, тажна што не те играме, малку мрсулавка, секогаш со дамки на блузичката од последното јадење.
Паметам колку плачев кога ми се скина ремчето од омилената црвена сандалка, а ти ми се приближи, нежна и бушавка, носејќи го твоето прасе-касичка во која ги пикаше ситните парички и по некое Бони-Топ бонбонче. Ми го подаде прасето и само рече: Јана купи ново. Не плачи.
Тогаш сфатив дека сепак разбираш нешто.
И сфатив дека мора да те заштитувам, по секоја цена, без оглед на сѐ, затоа што ти си мојата мала сестричка.
Низ времето, нашата 5-годишна разлика се стопи, бидејќи сестринската љубов не знае за граници.
Јас бев твојата карпа, а ти моето прибежиште, кога имав чувство дека целиот свет се руши околу мене.
Заедно си ги плетевме косите, си ги бришевме солзите, ги имитиравме омилените пејачки со дезодоранси во раката, наместо микрофони. Си споделувавме тајни за дечковците, кришум ти ја допишував домашната кога заспиваше уморна на масата. Ми чуваше стража додека се испраќав со мојот прв дечко пред влезната врата, за да не нѐ видат мама или тато.
Додека бев болна, ми вареше супа и знаејќи дека не го сакам фидето, успеа да ја прецедиш целата. Низ мала цедалка за чај, бидејќи не си можела да ја најдеш големата.
Се сеќавам одамна како се тегневме околу едно црно фустанче, толку многу што за малку ќе го скиневме. Ти почна да викаш дека ми стои како на кокошка, и пред да ја треснеш вратата од нашата соба, ми се искриви како некое мајмунче. Кога се каравме, се ословувавме со половина животинско царство.
Но, тоа не е важно. Во ниту еден момент, не се посомневав во твојата љубов кон мене. И обратно.
Никогаш не помислував дека роденденот ќе го поминам во болница, со непријатен мирис на амонијак налепен врз облеката. Моето срце престана да чука кога ни јавија дека си имала сообраќајна несреќа. Ми се испомешаа илјада мисли, сакав да трчам и да плачам и да викам истовремено, додека не ми се искинат гласните жици од бес. Сега, покрај твојот кревет, те набљудувам и по којзнае кој пат сфаќам дека си преубава, но поважно од сѐ, имаш уште поубава душа.
Мојата мала сестричка е толку добра, насмеана и несебична. Таа е целиот мој свет. Не можам, не сакам да замислам живот без неа. Ако ја снема неа, ќе ме снема и мене, како две светулки кои прерано згаснале.
Додека мижам и си замислувам роденденска желба, некој полека ми ги гали прстите. Ги отварам очите и те гледам како трепкаш, како огромно жолто сонце, сончева и мила.
Сонливо шепкаш: И после јас сум била плачка... Среќен роденден дада. Те сакам.
(О)Милена | Црнобело