Ако не можете некому да простите прочитајте го ова...
Ги мразам сите клишеа кога станува збор за простувањето.
Ги знам сите поговорки, сите совети, сите познати мудрости, затоа што се обидував да ги пронајдам одговорите во литературата. Ги прочитав сите постови на сајтовите и блоговите посветени на искуството со простувањето.
Напишав еден куп цитати на Буда, дури и ги научив напамет – но ниеден од нив не функционираше. Знам дека растојанието меѓу „одлуката за простување“ и вистинскиот душевен мир може да биде бескрајно далечно. Го знам тоа од искуство.
Простувањето изгледа како издавање на себеси. Не сакате да се предадете во борбата за правда. Гневот расте во вас и ве труе со сопствениот отров. Вие го знаете тоа, но и понатаму не можете да престанете со тоа.
Гневот станува дел од вас – како срце, мозок или бели дробови. Го знам тоа чувство. Чувството кога бесот во крвта удира во ритамот на вашиот пулс.
Но, она што треба да го запаметите за гневот и лутината е следното: тие се само инструментални емоции. Се лутиме, затоа што сметаме дека колку е поголема лутината толку поголема ќе биде промената која ќе ја предизвикаме. Лутината и гневот не сфаќаат дека минатото веќе завршило и штетата е веќе направена.
Да се биде лут е како постојано да чепкате во рана која крвави, верувајќи дека така лузните ќе бидат избришани. Како да човекот кој ве ранил, еден ден дојде и направи шев со таква неверојатна прецизност што од раната нема да остане ни трага.
Вистината за лутината е дека тоа е само начин на кој одбивате да си помогнете себеси. Вие се плашите дека штом раната зарасне, ќе морате да живеете во една нова кожа, која ви е сосема непозната, кожа за која не сте ни помислувале дека ќе ја имате на себе.
Во тој момент вие само сакате да ја вратите старата, а лутината само ви дошепнува дека најдобро е да не дозволувате крвавењето да престане.
Кога во вашето тело се мешаат еден куп стравови, простувањето изгледа невозможно. Сакаме да простиме, бидејќи нашиот ум сфаќа дека тоа е здрав избор. Сакаме мир, спокој, мирен сон... а сето тоа го носи само простувањето. Сакаме да се ослободиме. Сакаме целиот тој немир во нас да престане, но не можеме да направиме ништо сами со себе.
Затоа што никој не ни ја кажал големата вистина за простувањето – тоа нема ништо да исправи. Тоа не е гума која ќе го избрише тоа што ни се случило. Тоа нема да ја оттргне болката со која сте живееле, нема да ви пружи моментално смирување. Наоѓањето на внатрешниот мир е долг и тежок пат.
Простувањето е откажување од надежта... Тоа е сфаќање дека сè завршило, прашината се спуштила и ништо не може да се врати во првобитниот облик. Тоа е признавање пред себеси дека не постои никаква магија која ќе ја поправи штетата.
Да, бурата била неправедна, но сепак морате да продолжите да живеете дури и во разрушениот град. И никаква лутина нема да ви помогне да го изградите одново. За тоа ќе ви треба сила и љубов.
Простувањето е преземање лична одговорност – не за уништување, туку за обновување. Тоа е одлука за тоа како да го вратите сопствениот мир.
Престанете да чекате од човекот кој ве скршил да ги врати работите онакви какви што биле. Почнете да ги лекувате сопствените рани, без разлика дали лузните ќе останат или не. Продолжете да живеете со своите лузни и гледајте на нив само како на знаци колку сте силни и што сè можете да издржите во животот.
Простувањето е сфаќање дека вашите лузни нема да ја одредат вашата иднина. Простувањето не значи дека се предавате, тоа значи само дека сте спремни да соберете сила и да продолжите понатаму.
М. С. | Црнобело