Ретроспектива на едно полнолетно пријателство
Со огромно задоволство, како кога учителка возбудено дели свидетелства, истакнувам дека најдобрата другарка е покрај мене повеќе од половина од мојот живот и оваа година славиме полнолетство на едно пријателство. Пригодно ќе ја запечатиме прославата со многу алкохол. Сепак, не се полни 18 години секој ден.
Во чест на нашето другарување, следува една мала ретроспектива со сјајни моменти, на она што се нарекува „Јас и мојата најверна другарка“...
1998. Преселбата во главниот град ја доживувам трауматично, како и секој пореметен тинејџер. Доаѓам во моето ново училиште, кое се заканува да ме проголта со невидена маса на деца; одат во три смени и одделението брои 40. Кога ли стигнуваат сите да ги испрашаат, се прашувам. Молкум гледам во врвот на патиките додека ме претставува класната пред новите другарчиња и се молам да се случи земјотрес за да прекине мојата голгота со 80 очи вперени во мене. Откако кратко забегувам во друштво со 4 кокошки (кои се покажаа како убер фејл во овој живот), моето другарче ме зема под своја закрила, ми ги открива своите тајни, како и таа е дојденец во ова хаотично основно училиште, и имаме среќа што излегуваме пристојно описменети од оваа еминентна установа. Ги откачувам кокошките. Со мојата нова другарка ме врзува заедничка антипатија кон нашата класна раководителка, која пак крвнички ни е настроена и на двете.
2000. Средношколки сме, во две сосема спротивни насоки на Скопје. Откако го поминавме летото делејќи голем чипс и наздравувајќи со кока кола буквално секоја вечер во нашето маало, време е да отидеме чекор понатаму. Влегуваме во етапата наречена „Најубавото време во нашиот живот“. Да речеме само дека ја имав најголемата космичка среќа да ја имам мојата најдобра другарка покрај мене и да го преживеам тој турбулентен пубертетски период. Си ги бојадисавме косите црно. Другарка ми слушаше метал, јас заспав на една метал свирка. Важно беше – да не е тажно.
Излегуваме во парк и пиеме црно вино сред лето, на 30 и кусур степени. На задното седиште во таксито накај дома, случајно наоѓаме телефон Сони-Ериксон (да, и тоа постоеше некогаш). При-пејд, со неверојатни 1000 ден. на картичката. Им вртиме на сите што ги познаваме за да се пофалиме, без оглед на тоа што часовникот покажува 2 сабајле, вклучително и на нашите симпатии. Со скриен број, секако.
2003. Татко ми ме убедува дека човекот на врата ќе нè пушти без проблем. Вјасаме накај спортската сала Кале со полна пареа. На концерт одат женските, не е шега. Чичкото на врата нема поим кои сме. Залудно се објаснуваме. Почнува да врне, киснеме како накиснати глувци. Мора да сме изгледале неверојатно бедно и тажно, бидејќи човекот ни се смилува. Се прекачивме преку оградата, а позади неа ја видовме и доживеавме неповторливата Рошин Марфи од Молоко. Таа кинеше рози на сцената, ние ги искинавме грлата од викање. Вредеше секоја минута киснење на дождот.
2004. Матурантки сме. Руслана победи на Евровизија, и со сите пропратни хитчиња од таа епохална година славиме невиден успех – завршување на средното образование. Прославите ни се во различни денови, што е одлично – другарчето стигнува на моето, и јас на нејзиното испраќање. Во позадината на умовите ни лежи приемниот испит, но засега се веселиме. Целиот живот е пред нас. А ние сме толку млади.
2005-2009. Низа од неверојатни љубовни разочарувања. Се согласуваме дека – Сите машки се идиоти! (парцијално точно), и дека што и да се случи – Ќе си останеме другарки засекогаш! (целосно точно). Пишуваме сомнителна поезија под дејство на евтин алкохол, а подоцна се смееме на тие патетични изливи на емоции. Двете се радуваме на огномети како мали деца, и го сакаме сладоледот од Ескимо. Убави времиња.
Плоштадот се менува со неверојатна брзина. Хистерично се смееме на трите светлечки палми пред ГТЦ, па на елката-конус на плоштадот, додека сè уште постоеше фамозното крукче, каде што се ставаа елки. Славиме Нова година со чудни типови кои ни донесоа пита домашен кашкавал, а ние како добро воспитани домаќинки, за да не ги навредиме гостите, го изедовме до последна трошка.
На Саем отчукува полноќ, им фрлам вештачки цвеќиња на музичарите на сцена, од икебаната што ја исчупав пред да појдеме. Другарка ми се смее. Сакам засекогаш да сме вака безгрижни и среќни.
2010. Време за одмор, со огромна доза патриотизам се упатуваме кон Охрид. Таму нè дочекува мала клаустрофобична соба, во која гракаме и не знаеме како да се наместиме за спиење. Носиме прекрасни спомени од некои чудни ситуации. Тогаш навистина ни предизвикале нервоза, но денеска со задоволство и насмевка се присетувам на тие времиња.
2014. Секако дека животно важен настан како свадба потајно сакав да се поклопи со завршување на најголемиот градежен проект во Скопје. Барем ќе немаме проблем да ја запаметиме годината, дури и кога потајно ќе почне да нè напаѓа Алцхајмер на стари години.
Моето најдобро другарче ми беше старосватица. И беше прекрасна. Бев френетично среќна, затоа што покрај мене ги имам моите две најголеми љубови – маж ми, и другарка ми. А, тие ми се за цел живот.
Нормално дека не течеше сè глатко во изминатите 18 години. Поентата ми е, не беше сè розово и само смеа.
Доживеавме многу неубави и тажни моменти, неправди и разочарувања. Созреавме на потешкиот начин. Ништо не добивме сервирано на тацна (освен можеби бесплатнииот влез на Молоко).
Во сите убави и грди моменти, благодарна сум што ја имав и сè уште ја имам мојата најдобра другарка покрај себе. Таа ме разбира со поглед. Со неа дури и тишината никогаш не е непријатна. Таа не ме осудува, туку ме охрабрува. Таа е моето рамо за плачење, поддршка и сјајна ѕвезда. Таа ми е всушност, повеќе од другарка. Таа е моето семејство.
И сите што имате таква до вас, силно гушнете ја.
(О)Милена | Црнобело