Мудра приказна за орелот кој цел живот мислел дека е кокошка
Некој човек пронашол јајце од орел и го ставил под кокошка на својот селски имот.
Заедно со пилињата се извел и малечкиот орел, кој израснал заедно со нив. Целиот свој живот орелот го правел истото што го правеле пилињата, мислејќи дека и тој е еден од нив. По цел ден клукал по земјата барајќи глисти и бубачки.
Цивкал и кукурикал, понекогаш замавнувал со крилјата и летал по неколку метри во воздухот.
Годините поминувале и орелот остарел. Еден ден погледнал нагоре и на јасното небо над себе, видел величествена птица.
Птицата со грациозно достоинство летала носена со силните воздушни струи и одвај неколкупати замавнала со своите крилја. Орелот гледал во небото воодушевен.
„Што е тоа?“ – прашал тој.
„Тоа е орел, кралот на птиците“, рекла кокошката која стоела до него. „Тој припаѓа на небото, а ние на земјата – бидејќи сме кокошки.“
И така орелот живеел и умрел како кокошка, бидејќи мислел дека и тој е кокошка.
М. С. | Црнобело