Зошто не сме способни да го направиме тоа големо бегство од светот околу нас?
Промени го начинот на кој се движиш, потстрижи се кратко, престани да ја слушаш таа одвратна музика, не излегувај со тие луѓе. Зошто ги облече тие искинати фармерки, зошто воопшто веруваш во тие глупости, зошто си толку различен, зарем мислиш дека си нешто посебно?
Зборови кои болат, зборови со кои се соочуваш секојдневно, умираш длабоко во себе обидувајќи се да го задржиш она што те прави поинаков. Не можеш да најдеш причина, не ги разбираш што е она што им смета во твојата индивидуа. Ги пикаш прстите во устата во обид да повраќаш за да изгубиш килограми, се фарбаш црн, бидејќи те исмеваат за твојата црвена коса. Некои знаат да се изборат, но имаше и многумина кои се претопуваа, губејќи ја својата оригиналност за да бидат исти како другите.
Зошто не ја имавме моќта да престанеме да се грижиме за разговорите кои ги слушавме секојдневно, а не беа воопшто значајни, бидејќи беа упатени со омраза. Зошто ја губевме вистината верувајќи во она што го зборуваат другите?
Зошто едноставно сите не бевме способни да го направиме тоа големо бегство од светот?
Да престанеме да ги слушаме тие разговори кои се повторуваа одново и одново и не дозволуваа секој да го избере својот пат. Да научиме како да создадеме заштитен меур кој ќе се појавува секогаш кога некој се обидува да го наруши нашето постоење онакво какво што ние сме го замислиле.
Зошто секогаш баравме промена во себеси, а не сфаќавме дека промената треба да настане во светот, бидејќи секојдневно тој се движеше во погрешна насока.
Ако се прашувате зошто ја слушате таа музика која не им се допаѓа и ја носите облеката која нив им изгледа потполно чудна, ја сакате фризура која им е одвратна и живеете живот кој тие го нарекуваат чуден - сетете се дека тоа го правите затоа што вас тоа ви годи.
Тоа е ваш живот, таму треба да бидат исполнети вашите желби и да биде слушнат вашиот глас. Вашиот живот е токму за вас, не за нечии верувања, за нечии замисли како тој треба да изгледа. Запомнете дека вие сте една уникатна креација на клетки која со причина се нашла тука на земјата.
Она што го правите не е погрешно, дури и да е погрешно, постои можност да се исправи. Не дозволувајте да го изгубите жигот кој го оставате во светот, само поради нечии погрдни зборови. Вие сте одлични онакви какви што сте и ако тоа на некого му пречи, тогаш тоа е апсолутно негов проблем, а не ваш.
Затоа со скинати фармерки, со тесни или широки, кренете ја главата, покажете ја фризурата која ви се допаѓа и живејте го вашиот живот, на ваш начин. Ако правите поинаку од тоа, никој нема да ви рече „благодарам.“
Н. Буџак | Црнобело