Мојата ќерка остана бремена на 17 години...
Разговорите во кои што се вклучуваше зборот „мора“, беа оние разговори во кои никогаш не сакав да се најдам.
Ме иритираше таа негова заповед, како бесрамен владетел кој секогаш сакаше да биде по негово, мразев кога мораше да се случат.
Беше петок, разлистував низ утринските весници барајќи го делот каде што има судоку. Тој ми беше омилен. Мојата сопруга подготвуваше појадок, а мојата ќерка се симна како попарена по скалите поради разговорот кој го имавме претходниот ден.
Имаше 17 години, беше паметно и исполнително девојче, никогаш немавме проблеми со нејзиното учење или однесување. Секогаш се беше во најдобар ред, се додека пред некој ден не дојде дома со солзи, плачејќи, велеше дека направила голема глупост - држеше тест за бременост, кој по сите закони беше позитивен. Го повторивме одново и одново го даде истиот резултат. Мојата 17-годишна ќерка беше бремена.
Да бидам искрен, се чувствувавме како пропаднати родители, бидејќи долго ја учевме да се почитува себеси, да не избрзува, да не го скратува животот, бидејќи според некои правила тие работи би требало да дојдат барем со завршувањето на тинејџерството како најубав период од животот. Но, некои работи во животот не можат да бидат спречени, не можеш ниту да ги прикриеш или избегнеш, едноставно се случуваат.
Дојде тивко до мене, гледајќи ме во очи, беше храбра за нејзини години, ми се допаѓаше што беше таква. Претходната вечер зборуваше за свадби, за некакво покривање на срамот, не знам ни што не изнакажа, бидејќи бев премногу фрустриран за да размислувам што зборува. Тоа утро повторно почна.
„Кога ќе го запознаете, треба да се одлучат многу работи?” праша одново со срамежлив тон.
„Кажи ми искрено, дали она што го направи беше од љубов и дали твојата одлука да се омажиш, после сѐ што се случи е од љубов? “ одговорив јас налутено.
Чекав, настана еден интервал на молк кој траеше и повеќе од она што требаше. Ќерка ми плачеше.
„Значи не го сакаш ... Тогаш зошто бараш да се омажиш за него? “ ја прашав збунето.
„Но, што ќе речат другите, што ќе помислат, ќе ја извалкам честа, моето име, нашата фамилија, што ќе биде ако нема свадба? Мора да има свадба!“ врескаше испаничено, пробувајќи да не се онесвести од тежината на разговорот.
„Во твојата ситуација единствено нешто што мора е да не креваш паника и да не си создаваш непотребни нервози кои можат да му наштетат на детето. Во овој живот работите не треба да ги правиш од тоа што мора. Бракот, таа заедница не се креира затоа што мора. Единственото нешто што ти треба да го научиш од оваа драма е да бидеш одговорна, бидејќи од она што се случи нема назад, но тоа не значи од една грешка да се направи друга грешка. Тоа дете ќе го родиш, ќе го изгледаш и ќе го изведеш на вистинскиот пат. Така ќе биде бидејќи твојот молк на моето прашање, само потврдува дека ти не го сакаш тој човек.
Како секоја тинејџерка жедна за нови искуства избрза и направи нешто што можеби беше прерано и го направи на најлошиот можен начин, иако многу пати сме зборувале, но се случува, не често, можеби не на сите, но се случува. Тоа не значи дека јас ќе дозволам ќерка ми да го уништи својот живот во брак во кој нема да биде среќна. На тој начин само ќе уништиш три животи.
Јас и мајка ти ќе ти помогнеме со се што треба, па ако таткото и ти после некое време сметате и мислите дека треба да бидете во брак, тогаш нема да имам ништо против. Но, ти нема да се омажиш затоа што мораш. Знаеш дека го мразам зборот мора. А она што мислат другите е неважно. Ти ми си важна, важно е тоа невино детенце, важно е да бидете среќни. Ова ќе го надминеме, не е најлошото што може да се случи.“
Ме прегрна и се заблагодари милион пати. Јас ја гушкав и на тој начин ја скротував лутината. Надвор постоеа милион такви девојки, но сите не ја имаа среќата да бидат разбрани. Не секоја од нив ќе биде поддржана од родителите. Не секоја знае како е да си родител или во брак на толку мала возраст, а во денешно време ги имаше се повеќе.
Не знам на што се должеше тоа, но знаев дека има девојки кои живеат несреќен живот само заради тоа што мораат, принудени од општеството, од сопствените најблиски.
Ја галев косата на ќерка ми и бев горд на одлуката која ја донесовме. Не беше важно што ќе кажат другите, вака или така повторно ќе не осудуваа. Мене ми беше важно тие двајца да се здрави и среќни. Никогаш не би ја менувал среќата на мојата ќерка за мислењето на другите. Единствен начин да знам дека се среќни беше да ги имам под моја закрила, без да ги оставам сами да се снаоѓаат заради една грешка, која можеби не ми беше најдрага, но немав гордост, туку имав храброст за да ја прескокнам.
Силата на семејството се гледа во такви кризни моменти, ми беше многу мило што бевме силни. Се потсетив на една реченица што ја велеше мојот дедо, во животот мора само да се умре, за ништо друго не треба да се користи зборот мора...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело