Ако не беше болката како ќе знаевме како треба во животот?
Се сеќавате на моментот кога сте погледнале кон небото и сте го запрашале оној горе, „Зошто баш јас?”, сте помислиле дали воопшто некој слуша, ако воопшто има некој горе. Се сеќавате ли на горките солзи од вашите очи предизвикани од валканата игра на општеството?
Од сите тие неостварени желби, патувања, прегратки и бакнежи. Дали можете за момент да се навратите во времето кога животот бил безизлезен, па сепак на некој начин сте нашле излез.
Дали таа болка сè уште живее во вас?
Додека одбирав што да носам тоа утро, несмасно претурајќи по работите во гардероберот, пронајдов маица која ме потсетуваше на времето кога мислев дека животот е суров и безнадежен.
Да бидам искрен, не знам зошто тоа би го помислил. Но, едноставно беше период, кој бев сигурен дека не ми се случуваше само мене. Им се случуваше на многумина и сè уште им се случува, само сигурно се седнати сами, во некој темен агол и се дават во сопствените солзи.
Животот беше чуден, луѓето беа уште почудни.
Ја помирисав маицата, имаше мирис на спомени, но за чудо не беа тмурни како некогаш. Ја гледав и ме потсетуваше на болката, но овојпат не ги предизвикуваше тие одвратни чувства како порано.
Како да сум ја надраснал, како да сум ја отстранил, знам дека не сум успеал целосно, но кога ќе се загледав во неа, а знам дека ја мразев претходно, чувствував огромно задоволство. Тоа беше артефакт, трофеј за мојата победа во животот, за излезот од депресијата и пронаоѓање на вистинските начини на кои треба да се живее животот.
Помислував дали сите имаа сила да сфатат дека утрата можат да бидат среќни, а деновите исполнети со убави моменти.
Слушав доста и гледав доста самоубиства наоколу.
Пробував да се соживеам со нивната приказна и на некој начин да им помогнам.
Да им укажам дека болката доаѓа со причина, но како што доаѓа си оди, оставајќи трага, но сепак си оди.
Таа беше како она момче во кое некоја девојка била заљубена, но тој стигал до секој нејзин интимен дел и заминува, без притоа да се јави повторно.
Таква беше и болката, но ако човек научи како да го толкува нејзиното останување на една вечер или две ќе знае како треба во животот.
Јас не би ја менувал за ништо.
Ги сакав тие лузни иако беа болни, иако не беа дел од животот со кој не се гордеев. Тие беа составен дел на моето постоење.
Не беше ова едноставна програма која може туку така да биде избришана, туку постоеше без можност за бришење.
Колку и да се обидува човек да побегне, таа останува да го прати како вечна сенка. Едноставно нешто што треба да се извлече од нејзиното постоење е фактот дека треба позитивно да гледаме на работите дури и кога позитивното е сосема апстрактен поим.
Она што те следи додека поминуваш низ темнина ќе биде твоето оружје кога ќе ја дефинираш својата личност.
Не треба да се скршиш, не треба да западнеш во очај и депресија, затворајќи се во себе. Секој проблем може да најде свое решение, дури и да не може да се најде соодветен одговор, може да се најде разговор, прегратка, убав збор дури и од некој кој воопшто не го познаваш.
Болката мора да постои, како што мора да постои дрвото за да можеме да го вдишуваме воздухот.
Од неа никој не побегнал и нема да побегне, единствено нешто што треба да запомниме е наместо да го мразиме нејзиното постоење, треба бидеме благодарни за бесплатните лекции на кои нè научила.
Таквите дарови, не би ги менувал за ништо, колку и да звучеше тоа чудно.
Тој ден ја облеков маицата која за мене, во душата имаше натпис „болка“, но се чувствував исполнето.
Имав насмевка на лицето, благодарен за тоа што сум научил како не треба да го живеам овој прекраток живот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело