Одбирам да живеам и успеам, кој е твојот изговор?
Седев во мојата соба, светлото беше исклучено и внатре владеа сенките во темнината.
Единствената светлина доаѓаше од печката која беше вклучена и поставена во ќошот. Лежев со главата потоната во перницата, на стомак, како што уживав да лежам секогаш.
Размислував за предизвиците кои ги поставуваше животот.
Луѓето честопати знаеја да ги одработат машки без никакво жалење, а понекогаш упорно одбиваа да се заложат обвинувајќи некој друг за својот неуспех.
Не разбирав како сè уште многумина не научија дека секој мал предизвик е тест за надградба на нивната личност, со цел да се создаде неуништлива машина кој ќе знае како треба со секојдневието.
Не можев да сфатам како не разбираа дека токму од тие постапки ќе зависи и нивната иднина.
Во собата беше тивко…
Јас не можев да кажам дали некогаш беше поинакво. За мене секогаш сите соби, сите усни се мрдаа со истиот тон.
Не познавав звук, само слика, размрдани бои и сјај во нечии очи. Способноста да слушам ја изгубив со моето доаѓање на овој свет. Но, никогаш не ја искористив како предност или како нешто од кое што треба да се срамам за да ги остварам сите цели кои секој нормален би ги зацртал.
Никогаш не се побунив за тоа што морав да најдам милион други начини, различни од нормалните за да се справам со секојдневните обврски.
Секогаш ги правев навреме, никогаш не се откажав, никогаш не помислив да оставам се и да се затворам во светот на оние кои се предале. Никогаш не помислив дека тоа е недостаток.
Не се жалев за тоа што никогаш немаше да го слушнам судбоносното да, туку само ќе гледам сјај во очите на некоја која ќе стои крај мене со желбата нејзиниот глас да го промени моето постоење, а јас нема да можам да го слушнам сето тоа, туку само ќе го чувствувам искрениот стисок на нејзината рака.
Никогаш не заплакав, кога испуштав важни зборови од нечие искрено срце, никогаш...
Не спомнав дека ми недостасуваше да слушнам нечиј плач или нечија смеа.
Иако проклето ми недостигаше, исто така ми недостигаше и тоа типкање по клавирот да се претвори во една мелодија, не беше важно каква, сакав само да го слушнам секој тон.
Мало парче музика која ќе ми ја промени мојата тишина. Нешто што останатите го имаа и никогаш не помислуваа што би било ако го изгубат.
Но, ни тоа не ме спречи да застанам на подиумот и да танцувам, поучен од движењата на другите, од тапкањето со чевлите, вибрациите на сите разиграни и од целото искуство кое го носеше животот.
Не побарав да бидам третиран посебно. Учев, работев, спортував, знаев да љубам, да се смеам, едноставно да функционирам како се да е во ред дури и во моменти кога многумина помислиле дека тоа е пречка поради која јас би го отфрлил животот.
Јас живеев за да го докажам токму спротивното. Не само за себе, туку и за останатите на кои им беше потребно.
Начинот на кој ќе се родиме не е наша кривица, но начинот на кој ќе живееме е наша сопственост за која самите одговараме. Како што некои беа високи, некои ниски, некои тенки, некои малку покрупни, така јас го изгубив мојот слух без можност да го слушнам светот.
Тоа не ме спречуваше да го натерам светот да го слушне моето име. Мојата приказна и мојата желба за успех.
На тој мачен пат на кој мораше да пронајдам милион начини за да преживеам, јас тоа го правев без никакво размислување. Без никакво жалење, без депресии и без барање за сожалување. Живеев среќно, иако многумина го помислуваа спротивното.
Затоа кога ќе застанете пред својот следен предизвик, сетете се на приказната на глувото момче. Сетете се дека не секој недостаток треба да ви биде оправдување за неостварување на вашата цел. Не бидете слабаци.
Стегнете ги забите, изборете се со она што ве мачи, креирајте чекори по кои многумина ќе сакаат да чекорат. Бидете приказна која вреди да се прераскажува, приказна која освен вашиот ќе промени и друг живот.
Не барајте изговори, избегнете го просечното и стремете се кон остварување на невозможното. Јас можеби не сум го слушнал повикот за опасност, но го имав видено лицето на стравот многупати.
Тоа не ме спречува. По сите правила јас би требало да се откажам и никогаш да не ги остварам своите големи соништа.
Но, јас избирам да живеам за да успеам, а ти, кој е твојот изговор?
Н. Буџак | Црнобело