Порака до мојата помала сестра: Никогаш не ти давав од моето чоколадо, ама пак те сакав
Се сеќаваш кога не облекуваа исто за да не се караме и тегнеме за коса? Јас се сеќавам со насмевка на моето лице, драга сестро.
Се сеќавам како секогаш сакавме да играме со истата кукла, како да нема друга. Кога и да ја гушнев мама, доаѓаше и ти да се стуткаш во нашата прегратка, а тато нè гледаше од страна, смеејќи се и чекајќи да го добие својот дел.
Никогаш не ти давав од моето чоколадо, ама пак те сакав. И прва бев кога некој ќе ти додеваше на училиште. А, ти пак гордо се фалеше со својата поголема сестра, кој ли би можел да се закачка со тебе.
Се тепав и со момчиња и со девојчиња за тебе. Те криев кога го фати првиот дечко, иако мислев дека не е за тебе. И така и беше, се скаравте после две недели, а јас бев тука да те насмеам за да не си тажна.
Затоа што боли првата љубов, сум го искусила тоа.
И секогаш ти беше палавата, а јас големата дада. Онаа која не смее да згреши, која треба да биде пример за помалата сестра.
Ама колку ли време ми се смееше кога се вратив пијана дома, па мораше да ме освестиш за да не дознае мама?
Така е, сестра се наоѓа и во добро и во зло. Во животот ми беше и сестра, пријателка, најдобра другарка со која си ги делев маките, партнер за добра журка, човек кој знае да ме ислуша, цимерка и прв човек за правење белја.
И како малечки заедно правевме белји, ти ми држеше стража, јас го крадев благото од кујна и со трчање влегувавме во детска, заклучени да јадеме додека можеме. И ти текнува ли, кога заборавивме лажички, па мораше да јадеме со раце само за да не нè фатат ако отвориме. Колку ли беше забавно...
Ти беше лудата која му се јави на дечкото со кого не знаев како да раскинам, тоа за тебе не беше проблем, само му кажа два-три зборови и спушти слушалка, а јас останав зачудена. Никогаш ја немав твојата храброст, а ти ја немаш мојата доследност.
Ама и двете го наследивме човекољубието од нашите родители.
Ех сестра, тоа ти е како доживотно ветување дека ќе имаш некој на кого секогаш ќе можеш да му се довериш и да добиеш поддршка.
Н. Т. | Црнобело