Со последниот лист...

Колку и да не сакаш да признаеш животот тежнее кон некоја крајна точка кога времето тежнее кон бесконечност.

so-posledniot-list-01.jpg

И кога очите ти се насолзени и телото згрбавено, не сакаш да си признаеш, но за жал некои работи едноставно се случуваат и покрај тоа што никогаш не си посакувал да се случат.

Беше средина на декември, многу ладно време од годината, се сеќавам стоев на столот до болничкиот кревет и додека инфузијата бавно и присилно навлегуваше во неговото тело јас му ја држев раката. Колку и да се обидував да бидам силен едноставно не можев, се кршев на делови кога ќе го погледнев, а Господ го поживеа и тоа како го поживеа, дај Боже сите толку да живееме.

Дедо ми имаше прекрасен живот, долг и исполнет, онаков како што ние само може да се надеваме дека ќе исчекаме и тој самиот знаеше дека кога тогаш ќе дојде крајот, но сепак во него не умираше таа проклета желба за уште, за повеќе да се живее, да се надживее и да се надмине сѐ, секоја препрека, секоја болка.

Но, колку и да знаев дека тој е силен, овојпат ми беше јасно, само ја чекав болката која пополека секој ден ми ја гореше душата да ме погоди и да го изгубам засекогаш.

Вест која никој од нас не сакаше да ја чуе, но за жал беше се поочигледно дека беше неизбежна.

Јас и тој имавме некоја необјаслива, блиска врска, секогаш ќе ме пречекаше со насмевка и со гордост во своите очи ќе ми раскажеше за мудростите на животот, а јас заинтересирано ќе се изгубев во неговите тивки разговори. Ќе ме погледнеше и веднаш денот добиваше нова смисла.

Во неговите очи беше мојата надеж, таму беше закопано моето тајно оружје, без никој да знае.Тој ми беше сила, тој ми беше поткрепа, а јас сега го држев за раката без да можам нешто да направам.

Додека лежеше ги отвори очите со надеж дека ќе стане, го чекаше коњот во шталата, нешто мрмореше дека мора да оди да го однесе, да го напои, а јас го галев и го успокојував, дека сè е во ред. Дека сè ќе помине. Но, тој беше пореален со грчење и напрегање во својот глас, ми ја стисна раката и ми кажа:

„Патеката на животот е различна за секој човек, секој оди како што знае и умее, некои дури се влечкаат за да стигнат онаму до каде што  требало да стигнат. Но, секогаш имај на ум дека најважно од сè е кога ќе бидеш вака „моќен“ како јас во моментов, да се завртиш и да видиш што си оставил зад себе.

Јас не се плашам од смртта, се плашам од тоа што ќе ми го земе. Го градев со векови, ве чував, ве гледав, сите од прв до последен ве пораснав. Секогаш кога некому ќе му требаше рамо за плачење јас не бев рамо, туку столб, потпора, булдужер ако сакаш кој секогаш мораше, како знае и умее да ве влече напред.

Секогаш се трудев трпезата да е богата, рацете две да ми се црни, ама душата чиста и образот бел.

Никогаш не ве усрамив, никого не пуштив пред мене, туку јас прв ќе заминам.

Смртта е само врата, исто како и животот, кога тогаш, сакал - не сакал ќе ја отвориш, но не боли тоа чувство. Боли она што го оставаш, она од кое мораш да се збогуваш и не знаеш што ќе биде потоа.

Сакам да ти кажам уште нешто и тоа да ти биде последното од мене. Биди силен и груб, но таа твоја груба страна не ја употребувај за твоите дома.

Мажот е моќен со причина, но не за да ја робува жената и да ги малтретира децата. Тој е силен за да ги заштити, за да носи леб во куќата, да биде лидерот кој ќе ги води напред, а не да седиш и да чекаш тие да те туркаат, а ти да се кажуваш како шеф на куќата.

Чувај го разбирањето, чувај ја слогата, чувај го мирот во домот, тоа е најважно...“

Се закашла, а јас го натерав да се одмори, да не зборува, ми ја стегна раката и се спушти на перницата.

Јас не можев да издржам и излегов надвор со солзи во очите.

Ги гледав лисјата од костенот, кое што беше негово омилено дрво, како паѓаат. И како што паѓаше последниот лист во дворот на болницата така тромаво паднаа и неговите очни капаци.

Ме викнаа внатре и сите во просторијата занемевме. Го видовме неговото заминување, го почувствувавме тоа како топлина низ нашето тело.

Солзи ми извираа од очите а му ветив дека нема да плачам, но посилно е, луѓе сме.

Со последниот лист на костенот згасна и неговата душа.

Беше тоа најава за една студена зима, како за телото, така и за душата...

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
„Држи мe цврсто за рака“: Приказна за љубовта меѓу ќерката и таткото „Ако јас те држам за раката и нешто ми се случи, големи се шансите да ти ја пушт...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg