Баба, за неа мојата посета е празник, а таа за мене е жив спомен на моите корени

Ммм, од далеку го чувствувам мирисот на пржени мекици. Знам дека ме чека и бело овчо сирење или џем од сливи со нив. За неа мојата посета е празник, а таа за мене е жив спомен на моите корени. Секогаш ме чека со широка насмевка и топла прегратка. Ме вика бабино мое, а јас неа бабичке најмила.

baba-za-nea-mojata-poseta-e-praznik-a-taa-za-mene-e-ziv-spomen-na-moite-koreni-01.jpg

Понекогаш ми е криво што не ја посетувам почесто, со изговори дека многу сум зафатена, на факултет, на работа, на кафе со пријателки. Што и да и кажам не ми се лути, и како и секоја баба се грижи да не останам гладна.

Секоја посета е одбележана со ново јадење, што викам јас старинско, несекојдневно. А јас пак како малата Црвенкапа, никогаш не одам со празни раце.

Највесела беше кога летото и однесов сладолед па заедно го јадевме.

Баба, едно битие полно со мудрости, со одговори на секое прашање. Нашите разговори се секогаш долги, бидејќи се ретки. Ехее, кога ќе се замуабетиме, па за дедо, како се запознале, како ја фатил за рака, па таа му избегала. Тој и побарал да се напие вода од стомната, а таа со црвени образи истрчала по сокакот. Како сакале да ја дадат на друг во градот, а таа останала со дедо ми на село, и секогаш ми велеше дека меракот е најважен.

Во зима, кај неа оганот е најсилен, а таа ме пречекува покрај него, во рацете со нов шал за мене. Ќе ми рече, ти сплетов нов шал, да ти одговара на палтото. Баба, па гледа да ми одговарало.

Еххх бабичка. Кај неа во кујна секогаш има тегличка со шарени бонбони, со кои редовно ме послужува. Понекогаш си вариме чај и гледаме заедно слики, црно-бели, од неа, дедо, од нејзините сестри... Кога зборува за нив ги полни очите со солзи бидејќи не се со нас, и мене ме растажува. Па ќе соберам сила, ќе и кажам некоја шега од другарките и ќе се насмее. Ќе рече, ее млади сте вие, во вас е силата, се можете.

И ги чувствувам годините како и тежат на грб, не се малку седумдесет и некоја. Ми вели, внучко бабина сега направи четврт век, а јас се смеам. Со неа секогаш е интересно, кај неа чувствувам чудна топлина што ја нема никаде.

За минатиот роденден отидов да ја изненадам со нови волнени чорапи и кило портокали, многу се израдува. Потоа ми кажуваше дека се фалела со чорапите на сите соседки. Душа мила, се радува на малите работи, така е учена.

Ми кажувала дека кога ќе јаделе лепче натопено со вода и шеќер било празник. И секогаш ми вели, нема поубаво јадење од пиперки толчени со лук. Знае дека не сакам лук, па ми вели здрав бил, а и од него бегале вампирите. Покрај шпоретот секогаш виси лук и суви пиперки. Еднаш и однесов хамбургер, го проба , не и се допадна. Ми рече, бабино, од пиперки нема нешто поубаво и повкусно.

Бабичка најмила, едвај чекам да ја посетам за да ми раскаже уште некоја приказна, да ми каже некој збор, вреден алтан. Да ме поучи, затоа што во старите е мудроста, да не заборавиме!

Н. Т. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Васил Гарванлиев за CRNOBELO лексикон: „Џејсон прави најубава мусака, ја надмина дури и мама“ „Идол ми е мама. Цел живот го ризикуваше за да ни овозможи да сме тоа што сме со...
Пајак за CRNOBELO лексикон: „Сакам да имам многу деца“ „Имам маче ангорче. Ѝ немаме дадено име, сите дома ја викаме Мац Мац ха, ха, ха“...
„Секогаш пофали ја храната што ти ја приготвува сопругата“: Совети од мајката до нејзиниот оженет си... Помини шест вечери со семејството, а една со пријателите - важно е за ментална р...
„Мора да јадеш леб“ и уште 6 (застарени) навики со кои родителите нѐ излудуваат Постарите сѐ уште веруваат дека ќотекот е излезен од рајот, дека старите и дотра...
Едина Муса за CRNOBELO лексикон: „Најубаво место на светот ми е дома со саканите“ „На 5 години сама отидов да ја земам сестра ми од школо, а притоа само излегов о...
10 причини зошто добрите жени поминуваат најлошо во животот Добрата жена не знае да каже 'НЕ'. Добрата жена ќе подголтне и нема да се кара. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg