Работи кои треба да му ги кажете на вашиот помал брат
Секојдневно сме опкружени со луѓе на кои би требало да им го дадеме целиот свет, но поради многуте напорни часови во општеството, едноставно забораваме.
Како што вели онаа народната „брат братa не рани, но тешко кој го нема“, па доколку имате помал брат би било убаво да му дадете до знаење дека:
Те сакам и покрај сите твои маани
Без разлика колку пати сме се скарале и без разлика колку пати сум упатувал пцовки на твоја адреса, сакам да знаеш дека ништо не би променил.
Не би ја променил твојата тврдоглавост, твојата непослушност и твојот инает. Твоето заразно смеење и твојот зајадлив поглед кога сакаш да ме испровоцираш.
Ти си создаден за да ми го направиш животот понапорен, исто како она луто пиперче со скара, што ќе те испоти, но ќе ти го направи вкусот на вечерата подобар.
Слушај ги моите совети
Кога зборувам, не ти зборувам за инает. Животот сакал пред тебе да го видам светот, а кога те советувам не ти солам памет, туку едноставно сакам да го извлечеш најдоброто од моите грешки за да не ти се случат работи кои ми се случиле мене, а ете да кажеме дека не биле баш убави.
Секогаш имај на ум дека она што ќе биде кажано од мојата уста, а ќе биде упатено кон тебе е искрено и добронамерно (освен оние пати кога ме нервираш).
Можеш да напаѓаш, ти го чувам грбот
Кога станува збор за криење на сите твои “лоши” дела, јас ќе ти бидам соучесник, но имај на ум дека имам право да делам воспитни ако претераш.
И тоа ќе биде сокриено, но нема да ти се допадне, баш како што на старите не би им се допаднало она што сме го сокриле од нив.
Побарај ме
Секогаш кога ќе ти се сруши светот и секојдневните обврски ќе те притиснат, побарај ме, без разлика дали тоа е два часот по полноќ или девет часот наутро, ќе имам нерви да ги ислушам сите твои зборови, да се нервирам за сите несовесни постапки, да те сфатам и да ти помогнам да се извлечеш од било каква неволја во која си западнал.
Секогаш ќе бидам тука за тебе
Животот ќе биде суров и ќе нè натера секој да го одбере својот пат, но тоа не значи дека толку лесно ќе се спасиш од мене.
Без разлика дали сме на милион километри или на два метри, јас секогаш ќе го дадам максиумумот за да бидам до тебе кога тоа е потребно. Да те утешам ако ти го скршат срцето, да се радувам на секој твој успех и да те советувам за твоите несовесни постапки.
И запомни, она што го имаме е најголемото богатство, она што ниту јас ниту ти не би го имале доколку станеме успешни.
Ако се сеќаваш на нашите детски соништа да бидеме богати, ние сме биле цело време, само сега сфаќам, се надевам ќе сфатиш и ти.
Н. Буџак | Црнобело