Тешко ли е да се живее?
Тешко ли е да се биде човек?
Искрен, подготвен да се соочиш со сите предизвици кои ги носи судбината, човек кој е добар, кој помага, кој љуби, кој создава...
Тешко ли е да имаш насмевка која внесува ведрина под облаците?
Насмевка за најмилите, насмевка за странецот кој штотуку поминал покрај тебе, насмевка за оние на кои баш најмногу им треба...
Тешко ли е да имаш збор за сечија утеха?
Во моментите кога на послабите од тебе утеха е тоа што најмногу им треба, кога на поочајните им треба она твоето дека се ќе биде во ред... Дека времето лечи се и дека некаде некој има поголеми проблеми...
Тешко ли е да имаш доволно голема и топла прегратка?
Прегратка која ќе стопли нечија душа, прегратка која ќе предизвика насмевка, прегратка за добро утро, прегратка за добар ден, прегратка за добра ноќ...
Тешко ли е да имаш мал милион начини како на оној што го сакаш да му го разубавиш денот?
Од карти за патување, романтична вечера на отворено, добра книга за подарок и едно едноставно „те сакам“...
Тешко ли е да имаш моќ за размислување?
За да се одлучиш што е добро, а што не, да одлучиш што е правда и што е замижување пред вистината...
Тешко ли е да имаш способност за создавање?
Од ништо да направиш нешто, делата да зборуваат, наместо зборовите...
Тешко ли е да имаш храброст да издржиш?
Кога е најтешко, кога излезот од тунелот е толку далеку, кога мракот на ноќта трае со години...
Тешко ли е да имаш големо срце да преболиш и отворена душа за да простиш?
Да простиш на оние кои воопшто не заслужуваат само за ти да бидеш подобар и поспокоен. Од болката да направиш лекција. Да се насмевнеш и да си помислиш дека животот, каков, таков продолжува...
Тешко ли е да љубиш?
Ама до болка. Да љубиш толку многу како би се научил да љубиш дупло од тоа. Да љубиш денес и за век векови, да ја љубиш онаа сродната душа која треба да ја препознаеш од самиот почеток. И да веруваш дека само љубовта победува се!
Знам, некогаш сето ова е толку тешко, ама ретко кој изјавил дека живеачката е лесна. Напротив, најубавите животи секогаш носеле тежина.
Автор: М.К. | Црнобело