Капучино со пена и цимет, за мене и дамата!

kapucino-so-pena-i-cimet-za-mene-i-damata-001.jpg

- Цигара?

- Не, фала дечко, не пушам.

- Не би можела да уживаш целосно во кафето без цигара.

- Уживам цел живот, ќе успеам и денес.

- Ама одат заедно, совршено си одговараат.

Поинтересна ми беше книгата што конечно можев да ја читам во едно од ретките скопски кафулиња кај што можеш да седнеш сам да испиеш кафе и да се задлабочиш во книга, но нешто ме привлече да му одговорам.

Со доза на вообразенот можеби, малку дрско, ги симнав очилата и длабоко го погледнав:

- И многу други работи, луѓе, совршено одат заедно, па не се. И сега што правиме? Тоа значи дека не функционираат совршено и одвоено?

- Дечко, уште по едно капучино со пена и цимет за мене и дамата!

- Извини, не се сеќавам дека те поканив да останеш?

- Ниту јас, ама нешто ми вели дека не би ти пречело.

- Луѓе, велиш, што совршено одат заедно, а не се, функционираат перфектно и одвоено? Интересен начин на размислување девојко, што те натера?

Е сега го претера, си реков! Он мене ќе ме учи за тоа што најдобро го знам!

kapucino-so-pena-i-cimet-za-mene-i-damata-1.jpeg

Веројатно некоја гримаса ми ги издаде мислите, па тој продолжи не оставајќи ме ни збор да изустам.

- Се сепна? Зошто мислам дека се чувствуваш како дете чија територија е загрозена?

- Види младичу, не те познавам, а со странци не преферирам да сум дрска, ама чинам избор не ми оставаш. Ја помина границата, се ослободи соседната маса, зошто таму не уживаш во своето капучино?

- Затоа што чувствувам дека колку и да го велиш тоа, нешто од тебе посилно зрачи. Некоја желба да останам. Бидејќи, тебе млада дамо ти треба некој да те убеди дека во љубовта не е сè така црно.

- Дечко, ако некој најмногу верува во розови љубови, тоа сум јас, добро?

- Полека, зошто веднаш напаѓаш? А во вистинска љубов веруваш?

- Реторичко беше, или одговор искрен чекаш?

- Девојко, па зошто сè во твојот ум треба да има позадина?

- Добро, верувам во љубов, да, и?

- Ако веруваш во љубов, многу добро знаеш дека првото нешто што ми го кажа кога ти понудив цигара, не е издржано. Две души кои вистински си припаѓаат една на друга, можат да функционираат одделно, да. Но не совршено. Не, бидејќи во моментот кога си се заколнале на вечна љубов еден дел од себе дале на другиот. Делче кое живот значи. Делче кое не се враќа никогаш, бидејќи тоа му е и намената, да грее туѓа душа. Да биде таму дури и кога другата личност не е физички присутна. Да му ги поддржува соништата, да му ја впива тагата, да ја дели среќата. Да ветува дека сè може да се измени, околности, луѓе, но љубовта останува. Вистинската барем. Физичките битија колку и да функционираат навидум перфектно кога се разделени, секогаш има нешто што ги влече едно кон друго. Тоа нешто е секогаш тоа мало откинато делче од себе.

- Одлична приказна, навистина ме трогна, ама не си прочитал не можеш да оставаш од некој друг да ти зависи среќата? Дека единствениот начин вистински да љубиш, е да се поседуваш себеси безрезервно?

- Начитана девојка, ми се допаѓа. Шмркна од кафето, запали нова цигара, па продолжи.

- Сум слушнал, да, но знаеш што е уште поголема вистина од таа твојата? Дека никогаш не би ја привлекле сродната душа доколку не си се поседуваме себеси.

Колку и да не сакав да признаам, проклето беше во право.

- Го знаеш сето ова младичу, но зошто пак јас чувствувам дека немаш доволно храброст да се избориш за таа која е мотивација за ваков говор?

Сега пак тој како да се збуни.

- Знаеш јас што мислам? Тебе премногу ти требаше потврда, дека тоа што ти ги обзема мислите е правилно, па нешто те донесе токму кај мене да ти го потврдам истото.

Почнаа да го издаваат гримасите, како да беше фатен во небрано.

- Колку и да не сакам да признаам, проклето си во право девојко.

- Верувам - изустив, па отпив од кафето.

- Знаеш како, сите ние имаме различна дефиниција за љубовта. За некои од нас е светост, за други нереалност, нешто невозможно да се достигне во денешни услови, за трети нешто сосема непотребно, нешто што само бол создава. Знаеш што е заедничко за сите три категории? Тоа што сите се во право. Сите го добиваат за себе она што од љубовта го очекуваат. Затоа тие третите, немам зборови да опишам колку се грешни и колку самото тоа што веруваат дека љубовта е бол им привлекува болни љубови. Доколку си во првите, а нешто ми вели дека си, мислам дека е време да си го допиеш капучиното, да наминеш до најблиската цвеќара и да ја купиш најљубовната црвена ружа. А после, самиот и предобро знаеш каде треба да се упатиш. Послушај го срцето, собори го егото, прости сè што си се убедил дека е тешко за простување и оди таму каде што си најсреќен. И двајцата знаеме дека не е дестинација, личност е.

- А ти девојко?

- За мене не грижи се, јас со својата љубов знам како.

Автор: Софија Филиповска

Доколку и вие сакате вашиот текст да биде објавен, пишете ни тука!

Би можело да ве интересира:

„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Mи недостига снегот во декември, мавањето со снежни топки на големите одмори и празничната еуфорија ... Се сеќавам дека од тезгите на градскиот плоштад купувавме честитки. Оние од по 3...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg