Писмо до другарчето од детството

pismo-do-drugarceto-od-detstvoto-01.jpg

Драго другарче,

Се сеќаваш ли на првите букви кои си ги напишал во тетратката за почетно пишување во прво одделение? Имаше сини и портокалови... Се сеќаваш ли на симпатијата од основно? Каква боја на очи имаше? На До - Ре - Ми? Денес, знаеш ли да ја интонираш скалата? Се сеќаваш ли на сите оние пати кога колената ти крвареле? Па си чекал крвта да засири, да се направи корупка, па да ја откорнеш. Или на сите грозни сирупи кои ти ги давале твоите против кашлицата?

Се сеќаваш дека едно време веруваше дека Дедо Мраз постои? Денес на многу места не постојат ниту синдикалните организации кои ги даваа новогодишните пакетчиња! Знам дека со душа чекаше да дојде недела, да седнеш пред телевизор и да видиш дали Том конечно ќе го јаде Џери, на ручек ја консумираше бушавата азбука, вечерта пак се прашуваше дали мечето Ушко ќе ги смени своите карирани пижами...

Денес сакам да те вратам во твоето детство. Сакам да го разбудам детето во тебе. Сакам барем за момент да си безгрижен, спокоен, насмеан, преполн живот. Сакам да те потсетам на она време кога раскрвавеното колено беше најголемата болка во твојот живот. Знам дека денес имаш и други болки, ама те молам, задржи ја помислата дека коленото изгребано од цемент боли најмногу, како ништо друго.

Чувствувај се моќен како кога татко ти ќе те земеше в раце и ќе те кренеше високо за да го допреш таванот.

Те молам, не престанувај да веруваш во приказни. Па, тие се толку волшебни. Се случуваат и сега, верувај ми, ете една можеби се случува во куќата на соседот, другата две улички над твојата зграда, третата во паркот...

Не престанувај да сонуваш. Како кога бевме деца и сонувавме дека ќе станеме пилоти. Не станавме, ама пробај да го видиш небото подобро. Патувај многу, искачи се на многу врвови. Не заборавај на удобната облека.

Подарувај прегратки, многу! Како оние што по неколку пати ден и ги подаруваше на Софи од трети. Некогаш, твојата прегратка за некого може да биде најефикасниот лек.

И да, учи го синот на оние вредности на кои нас не учеа, дека луѓето се сакаат, дека треба да бидеме морални одговорни, чесни, дека на постарите им се помага, дека љубезноста е уметност...

Во најскоро време, очекувам да ми пишеш.

Ти посакувам прекрасен ден,

М

Автор: М.К.

Би можело да ве интересира:

Кога сакам да не се нервирам, си велам „Ало, не е на татко ти“ Кога ќе видам како некој корне цвеќе од жардиниерата кај мостот „Гоце Делчев“ ил...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
За бабите што чуваат внуци, еден медал ќе ве молам! Ако вашето дете има баба која го сака подеднакво силно како и вие, тогаш вие сте...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Пејачот Даниел Данн за CRNOBELO лексикон: „Еден ден би сакал да имам ранч со животни“ „Првата симпатија ми беше уште од училишните клупи и се немаме видено многу одам...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg