Да беше љубовта дожд, ќе посакав никогаш да не преврне
Да беше љубовта дожд, немаше да користам чадор за да се заштитам од нејзините капки. Ќе оставев да ме измие убаво од глава до пети, да ми ја измие душата, да ми навлезе под алиштата.
Да беше љубовта дожд, ќе ја оставев да ме намокри до гола кожа, накострешувајќиувајќи го секое влакненце од моето тело, капките задржувајќи се на клепките, клатајќи се полека сè додека не ми се стркалаат над образите, наместо солзи.
Да беше љубовта дожд, немаше да ја фатам во рака, бидејќи кога љубовта и дождот ги стискаш во дланката се побрзо се излизгуваат низ неа.
Да беше љубовта дожд, ќе нè освежуваше сите во жешките летни денови, ќе ги полнеше езерата, морињата, океаните, но немаше да испарува.
Да беше љубовта дожд ќе ги полнеше улиците, ќе ги намокруваше покривите на куќите, сите ќе ја имаа љубовта во коренот на нивните цвеќиња во дворот.
Ќе цутеа убавите од љубов, ќе пренесуваа миризба на љубов, а луѓето немаше да се осмелуваат да ги скинат.
Да беше љубовта дожд сите ќе посакаа да врне вечно. Да беше љубовта дожд, ќе заменеше солзите на сите лица со љубов.
Да беше љубовта дожд ќе танцував во нејзиниот ритам постојано, не плашејќи се накиснување.
Да беше љубовта дожд, ќе посакав никогаш да не преврне, но за жал љубовта не е дожд.
Љубовта е таа што носи дожд на лицето, носи невреме во душата, љубовта е таа што предизвикува бура во срцето, љубовта е таа што гаси пожари иако не е дожд.
Но, сепак преврнува...