Бидете совршено несовршени: Зошто е во ред да не направиме сѐ што ќе посакаме?
Нема потреба да бидеме совршени, бидејќи штом ќе започнеме да ги засакуваме своите несовршености само така ќе станеме поголема инспирација за луѓето во нашата околина, но и за себе...
Повеќето од нас сакаат да го извлечат максимумот од секоја ситуација, но понекогаш подобро е кога ќе се направи помалку.
Кога одам на трчање, често сакам да истрчам што е можно подолго и побрзо. Тогаш ми се случува да се преморам и следниот ден не доаѓам повторно на патеката.
Кога ќе отпатуваме во друга земја, често сакаме да видиме и да направиме што е можно повеќе. Потоа од патот се враќаме преморени и уште долго немаме желба за такви кратки патувања.
Кога одиме во нов ресторан, често сакаме да ги пробаме сите специјалитети кои ни се понудени, па се прејадуваме и немаме желба повторно да се вратиме на истото место.
Затоа вреди да останете по малку желни и да уживате во работите, без да чувствувате потреба да правите што е можно повеќе.
Пред два дена отидов на трчање со желбата да ги достигнам границите на моите можности. Меѓутоа почекав таа желба да помине и трчав умерено, оставајќи си сила и енергија. Следниот ден повторно имав желба да трчам, а денеска сигурно повторно ќе отидам на патеката.
Кога ќе седнете на маса, јадете што помалку. Во вашиот стомак нека има помалку храна, а на масата повеќе. Така ќе останете желни за вкусната храна, но за возврат ќе имате добро здравје и витка става.
Кога некаде ќе отпатувате, не се обидувајте да видите сѐ. Посетете неколку места и не брзајте. Кога ќе тргнете накај дома ќе знаете дека нешто сте оставиле и така вашата желба за патување ќе биде поголема.
Колку помалку работи правите, толку повеќе енергија ќе имате во себе. Нема ништо подобро од уживањето во знаењето дека подоцна можете да направите уште.