Писмото што мојот сопруг никогаш не го прочита: Ако денес беше вчера...
Ова писмо на сопругата која го изгубила сопругот засекогаш, ќе ви покаже како треба да се однесувате спрема вашиот брачен партнер секој ден, бидејќи не знаете кој од деновите со него ќе ви биде последен.
“Да, само ако можеше денес да биде вчера, ќе направев се поразлично и поубаво.
Само да знаев дека тоа ќе биде нашиот последен заеднички ден ќе станев порано или воопшто немаше ниту да легнам да спијам.
Ќе ти сварев кафе, ќе ти подготвев појадок како во првите години од бракот и ќе те гледав како јадеш ставајќи ти по некој залак во устата од мојата чинија.
Би се потрудила да го запомнам секое твое движење, допир, насмевка, збор...
Откако ќе завршеше со јадењето, би седнал во твојата омилена фотелја со весникот во рака како последното заедничко утро, но да знаев дека било последно би седнала во твојот скут и наместо да читаш, би разговарале за спомените кои го имаат обележано нашиот живот.
Би се потсетувале на сите планови за иднина кои никогаш не сме ги оствариле, а сакавме кога бевме млади, би се смееле на нашите глупости и би сфатиле дека за тие работи вредело да се живее, доволни се спомените, доволни сме ние двајцата.
Би ти ја држела раката и никогаш не би ти ја пуштила, само кога би знаела дека никогаш повеќе нема да ја држам така топла, би ја прилепила на моето лице и би ти кажала дека те сакам, илјада пати.
Тој ден немаше да отидам на работа, ќе седев со тебе и ќе го живеев секој момент како последен од него, само кога би знаела дека навистина е последен.
Но, не знаев, како би можела да знам, чудни сме ние луѓето, сфаќаме што имаме откако ќе го изгубиме.
Живееме како никогаш да не ќе умреме и не знаеме да ги цениме вистинските работи, немаме време да ги кажеме вистинските зборови, си викаме има време, некогаш...
На крај тоа преминува во никогаш!
Се чудам како може само еден момент да го промени целиот живот, тој момент кога ти се случува помрачување на свеста, тој момент кога зборовите на болничарката ми одsвонаа во ушите толку гласно што оглувев.
“Госпоѓо вашиот сопруг загина во сообраќајна несреќа утринава.”
Слики прелетуваат, сеќавањата се нижеа не знаејќи и самите дека преминале во сеќавања, се нижеа во темпо на солзите, онемуваш и за миг сакаш да врискаш, но не можеш, немаш глас, бидејќи тивко во себе го повикуваш тој што заминал да се врати, да не те остава.
Не воздржувајте се од љубов. Кога некого сакате кажувајте му го тоа секој ден. Кога некого сакате да гушнете, гушнете го во истата секунда бидејќи само таа една секунда е доволна да се смени вашата сегашност.
Тогаш би живееле во минатото како јас денес, секој ден и би посакувале тој ден да беше вчера.
Само ако денес беше вчера...”
Автор: Д.М. | Црнобело