Вдишете го сегашниот миг, издишете го минатото
Многу значајни моменти губиме врзувајќи се за минатото, плашејќи се или фантазирајќи за иднината. Целиот трик е во сегашноста. Сето останато не постои. Минатото заминало и нема да се врати, иднината сè уште не стигнала, а сегашноста си поминува незабележана.
Обземени сме со слики од минатото и предвидувања за иднината без разлика дали се плашиме или ја посакуваме. Едноставно, времето го губиме сонувајќи, наместо да го користиме живеејќи.
Обрнете внимание
Посветувањето внимание на нешто повеќе е свесност, отколку концентрација, а суптилната разлика се открива со вежбање. Со насочувањето на свесноста и понатаму сте свесни за сè, само што некои фактори не ви пречат, а вниманието ви е насочено на она што го правите во моментот.
Кога и да се изгубите, вратете се
Лесно е да се изгубите со мислите. Правејќи го она што можете и без премногу да го вклучувате мозокот, како одење по улица, гледање телевизија, возејќи велосипед...
Кога нешто ќе ве потсети на нешто друго кое ви е надвор од моменталниот фокус и ќе ви се врати некоја слика од минатото, па ќе ви разбуди некои емоции, ќе ви остави печат во сегашниот момент и ќе ве натера одговорот да го барате во иднината.
Сегашниот момент е најбезбеден бидејќи во него нема место за преиспитување и не можете ништо да посакувате, го имате само тој еден момент. Тој се случува и поминува во исто време и заминува во минатото. Сегашниот момент не се одвива таму некаде, надвор од нас. Тој е сега и тука. Секојпат кога ќе се сетите на сегашноста, ќе почувствувате нешто од тој интензитет на постоење. Но, не дозволувајте сегашниот момент безначајно да замине во минатото, па да го пребарувате кога не можете да го вратите. Искористете го до максимум и спакувајте го во убавите спомени.
Исклучете го автоматскиот пилот
Голем број работи ги извршуваме механички и рутински и додека тоа го правиме мислите ни се некаде одлутани. Автоматскиот пилот во нас е вклучен и ги завршуваме механичките работи, без и воопшто да бидеме свесни зошто тоа го правиме. Подобро е да го исклучите автопилотот и да ги правите работите со полна концентрација. Чувството е сосем поинакво.
Не размислувајте само набљудувајте
Зголемете го степенот на свесност без да се фокусирате на ништо посебно. Бидете присутни и вклучени. Набљудувајте како да треба да сведочите и да прераскажете сè што се случувало. Оставете го размислувањето и одлучувањето, туку само набљудувајте и бидете свесни за она што го гледате или доживувате. Така ја вежбате силата на присуството и изострената свесност.
Само дишете
Кога и да се изгубите во мислите или кога ќе ве одведат од свесното расудување обрнете внимание на дишењето. Тоа е нешто што непрекинато може да ни се случува, а го правиме целосно несвесно и спонтано. Бидете свесни за секое вдишување и издишување. Слушајте го своето тело. Ќе го почувствувате ритамот на срцето кое ќе ве одведе до она што најсилно си го посакувате. Но, треба да знаете да го слушнете и да ги замолчите мислите.