Хит приказна меѓу родителите: Само 5 минути во главата на мајката
Авторката Бунми Ладитан е најновата интернет сензација помеѓу родителите со хумористичната книга „The Honest Toddler: A Child's Guide to Parenting“ во која искрено ги открива работите кои родителите секојдневно ги премолчуваат.
Како мајка на 3 дечиња, Бунми со задоволство го напишала ова 5-минутно размислување во главата на мајката:
Колку е часот? Кој ден е денес? Колку е добро чувството додека си во кревет. Зошто не можам да бидам тука цел ден. Тоа би било одличен одмор. Не ми требаат Карибите, го сакам само мојот кревет. Мојот кревет, филм и чизкејк. И чипс. И гвакамоле. Ммм. Начос. И сангрија. Никогаш нема да бидам слаба. Можеби треба да ги започнам оние вежби од Фејсбук за обликување на мускулите. Ми треба нешто ново во што нема да успеам. Би требало да започнам чизкејк предизвик. Да испробувам нов чизкејк секој ден.
За што се караат? За маркер? Во соба полна играчки за кои платив добра сума пари, овие деца се караат за маркер? Кога сме веќе кај играчките, би требало да ги измијам нивните плишани животни. Што ако се полни со микрокрлежи? Што ако има цел град микрокрлежи зад очите на ова мече? Заедница од прашина и бактерии предводена од добро организирана влада? Треба да бидам погрижлива за овие работи. Зошто не можам да бидам нормална, одговорна, Pinterest мајка? Не сум им направила една креативна масичка, ниту пак шарена храна со различни вкусови, облици и бои.
Што треба да правам денес... да одговорам на сите повици, да ги одговорам мејловите, да вратам на пораките од пред некој ден... луѓето веројатно мислат дека сум безобразна. Треба да се организирам. Треба да ја организирам целата куќа. Куќава е хаос. На Опра видов дека спалната соба е отсјај на твојот брак. Господе, те молам нека не биде вистина.
Ми треба ред. Треба да фрлам сè за перење. Но, прво треба сè да подредам. Изморена сум да ја гледам мојата 4-годишна ќеркичка во смалените панталони кои ги носи веќе неколку месеци. Но, можеби се модерни, капри панталончиња? Многу мразам кога треба да се ослободам од вишокот облека. Посебно кога знам дека нема барем уште едно детенце на кое можам да му ги дадам да ги износи. Можеби би требало да имаме уште едно бебе. Не мислам дека завршив со раѓањето. Се чувствувам стресно, но не велам дека ми е доста од деца. Зарем тогаш нема да ми треба и поголема кола? Не сакам да возам минијатурно количе.
Дефинитивно треба да им дадам овошје денес. Јагоди. Штета што не се органски. Веројатно е подобро да јадат воздух, отколку неоргански јагоди. Најверојатно тоа се пестициди обликувани во форма на јаготки. Токсични бомби во форма на слатки јаготки. Прво добро ќе ги измијам.
Уф, требаше да го исчистам фрижидерот. И замрзнувачот. Никогаш нема да ги јадеме овие работи. Мразам што фрламе толку храна. И што ќе правам денес за вечера? До сега јадевме пилешко, сендвичи... никој не го сака моето месо. Треба да јадеме помалку месо. Тестенини? Но, глутенот е лош. Ориз? Ориз со... Не знам. Можеби ќе купам пица. Готвев 3 вечери по ред, заслужувам една вечер да нарачам храна. Дефинитивно пица.
Често посакувам да сум како мојата золва. Таа е добро организирана. Мојата куќа изгледа како на распродажба. Денес дефинитивно е денот за детално чистење. Но, прво треба да одам до продавница за да купам оцет. Би требало да ги исфрлам сите токсични средства за чистење. Хемикалиите се штетни за моите деца. Ќе биде моја вина ако направат некоја глупост со нив.
Цуцли! Морам да купам повеќе цуцли. Во последно време, како да испаруваат во воздух. Можеби навечер доаѓаат гоблини и ги крадат за нивните гоблини бебиња. Кога сме веќе кај гоблините, би требало да се јавам во летниот камп. Се надевам не го пропуштив крајниот рок. Не можам да поверувам колку е скап кампот оваа година. Сега можам да разберам зошто некои мајки стануваат стриптизети. Што ако направеа кратка серија за тоа? Вработување во стриптиз бар за да си го платиш летниот камп на децата...
На сите ни треба лекарски преглед. Понекогаш посакувам докторите да се јавуваа и да доаѓаа дома. Но, тогаш ќе требаше да чистам. Можеби само ќе испрскам малку освежувач за воздух.
Ок, ако не станам сега дефинитивно ќе задоцнам. Ох, морам да застанам да наполнам гориво. Зошто сè ми се случува во последна минута? Можеби затоа што брзам дома да направам вечера, па не мислам на тоа.
Сакаат појадок. Зошто не го слушнав бебето да заплаче? Дали е добро? Се надевам дека е... Се разбуди ли ноќеска? Не можам да се сетам... О,не. Што ако влезам во соба и... Ох, ете го. Вришти. Посакувам да спиеше малку подолго...