Влепи си шлаканица и налути се: Време е да свртиш нов лист!
Колку пати досега рече дека ќе престанеш или дека ќе започнеш нешто одново и на нова страница? Досега требаше да се откажеш од лошите навики, да научиш да им кажеш „Не“, на пријателите кои бесрамно те искористуваат, да си поставиш нови цели во животот и да почнеш една по една да ги остваруваш.
И повторно се вртиш наоколу незнаејќи од каде да почнеш. Повторно ли ќе се самосожалуваш? Секогаш ти немаш време, не знаеш како, не можеш... Престани!
Застани пред огледалото и погледни се! Дали твојот лик е среќен? Можеш ли да му се насмевнеш и да го поздравиш тоа што го гледаш или сакаш побрзо да заминеш и да помине и овој ден?
До кога ќе бегаш? Не знаеш дека твојата сенка секогаш ќе те следи? И ликот во огледалото ќе ти биде ист, колку и да не сакаш да го погледнеш. Можеш да избегаш од сè и од сите, само не од себе.
Одамна е кажана мудроста и до денес е точна: Биди ти промената што сакаш да ја видиш во светот!
Во ред е. Не сакаш да признаеш дека ти треба да се смениш, а не светот. Тогаш замисли дека ликот во огледалото е друга личност на која ти треба да ѝ помогнеш, да ја научиш, да ја советуваш и да ја промениш.
Веќе ти е полесно, нели? Секогаш сме подготвени да „солиме“ памет на други, само не и за себе. Истото што го советуваме, кога треба да си го кажеме, ниту го знаеме, ниту го прифаќаме.
Но, поинаку е кога се гледа од страна. Излегуваш од сопствената кожа и размислуваш со ладна глава. Тогаш знаеш дека невозвратениот повик не значи дека некој не го видел телефонот цел ден или дека наеднаш му се расипал и којзнае колку му е тешко што не може да ти се јави, туку дека некој не сака да ти се јави, инаку ништо не би го спречило, како ни тебе.
Знаеш дека ако не си ти во ситуацијата кога знаеш дека некој ти го злоупотребува времето веднаш ќе го кажеш најдобриот изговор зошто не можеш нешто да направиш, без да размислуваш дали некој ќе ти се налути или не.
Длабоко во себе знаеш што е правилно и знаеш како не треба, но која е слабоста што ти ги врзува нозете?
Само надежта, таа што е најголема утешителка и најбезобразна лицемерка, што ти е првото светло на крајот од тунелот и главна виновничка кога се каеш.
Ослободи се, излези од себе и погледни се од страна. Влепи си шлаканица и налути се. Да, налути се на себеси. Искарај се, исплачи се и избриши се.
Сега престани да се лигавиш како не знаеш и не можеш. Сврти го листот и запиши ги правилата:
1. Нахрани си го лицето со насмевка за добро утро
2. Нахрани си го стомакот со вкусен појадок и утринско кафе за енергија
3. Нахрани си ја душата со прегратка, бакнеж или телефонски повик за драга личност
Ако секојдневно се храниш од овие правила, силата која ќе ја добиеш нема да ти дозволи повторно да паднеш и да се потчиниш на монотонијата и неправдата. Свежината, сигурноста и самодовербата нема да ти дозволат да се залажуваш и да живееш во бесознание или лажна надеж.
Сами ги креираме правилата, но треба да почнеме и да ги почитуваме. Неспособни сме директно да си влијаеме. Секогаш ни е потребна личност на која ќе ѝ се спротивставуваме, пред која ќе се бунтуваме, ќе се докажуваме. Па, макар и тоа е да е наша двојничка.
Длабоко во себе, важно е да ја слушнеме вистината од бунарот на душата. Некој мора тоа барем да го шепне, а ехото ќе ни одѕвонува за да нè потсетува кога ќе заглавиме на една страница, дека треба да свртиме нов лист.
Автор: В.М. | Црнобело