Договор по раскинување
Вид: Монолог (затоа што само таков е и можен)
Денес, после рушењето на мостовите, се откажувам од:
1. Твојот телефонски број. Го бришам, не постои. Иако го знам на памет, нема да го имам веќе затоа што нема да го употребам никогаш.
2. Твојата адреса. Ќе ја заборавам, нема да ми е цел веќе никогаш, па нема ни да ја имам на врв на јазик. А и диспечерките наскоро ќе ја заборават дестинацијата од мене до тебе.
3. Се откажувам од твојата структура на коски, мускули и кожа, од знаењето каде да се вклопам и вдлабнатините во кои ја одмарав главата. Се откажувам и од правото да те допрам без дозвола. Сега си е само твое телото и давај го кому сакаш.
4. И од твојата рака се откажувам, како и од твојот џеб. Бутај чиви раце и да посакаш во твоите џебови. Исто бутај ги и твоите раце каде и да сакаш, подавај ја раката кому и да ти дојде. Држи чиви и да посакаш раце.
5. Откажана е иднината. Сите родендени на кои нема да отидеме или вина што нема да ги испиеме. Немој да се сеќаваш на мене кога ќе бидеш таму каде што се договаравме (не дека вака ќе се убиеше од сеќавање). Исто така од сите планови, патувањата или од подарокот што сакав да ти го спремав.
6. Со ова се откажувам и од сите други работи кои не ти ги кажав или подарив. Премолчените „те сакам“ и „те мразам“.
7. Ги откажувам сите објаснувања во мојава глава, сите очекувања од тебе, целата надеж.
8. Се откажувам од тоа да мислам на тебе, од сочувството, од грижата дали денес пак си заборавил да јадеш.
9. Го откажувам минатото, спомените, караниците, смеењета, ветувањата, помирувањата, плачењето. Сликите се уништени (уште нели оние во главава да ги убиеме).
10. Се откажувам од чекањето и од потрагата да во твоето лице го препознаам тој кој го засакав. Очекување и ништо. Очекување и пад. Збогум за нив.
11. Од сите хартивчиња, кино карти, мастики, бомбони, чаеви, мириси и бои. Бам! Откажани.
12. Се откажувам од вербата во нешто непостоечко, некоја никогаш остварена љубов што се измолкнала помеѓу гневот. Па така, се откажувам и од вербата дека некогаш воопшто си ме сакал, како и од тоа да ме сакаш некогаш.
13. Ја откажувам непријатноста од твоите лаги. Својствата на лагата да разорува и уништува. Се откажувам и од идните лаги твои.
14. Ја откажувам мојата лажна слика за тебе, сите ласкања и манипулации, удавени се. Откажана надеж.
15. Се откажувам од твоите гестови, од мојот наведнат поглед, од благите кафиња и плачењето во сон, од изгаснати телефони, трчање по уздолници, клупите и парковите, пишување по замаглени прозорци, попладниња, утра, празници, лоша музика, поспаност, неоснована вина, болки во градите, изненадувања, утехи, ветувања, шанси, средби, доцнења, викање од радост, или како и да е...
16. Се откажувам од нас.
Л.