Ване Маркоски за CRNOBELO лексикон: „Му ја вадев душата на дедо ми од правење бељи“
- Детали
- петок, 10 јануари 2025
„'Какви ги има, ти си супер' е најсмешниот комплимент што некогаш сум го добил“ - напиша водителот Ване Маркоски во лексиконот на CRNOBELO.com.
Нашиот водител Ване Маркоски е едно од најпрепознатливите телевизиски лица во земјава, а секое утро многумина се будат токму со него и емисијата „Македонија наутро“ на МРТВ.
Овој љубител на кучиња има 4 кучиња - сите најдени на улица и вдомени.
Омилено место на светот му е селото Требовле во Порече, а омилен спорт (меѓу неколкуте) му е пливање.
Ване се потпиша во нашиот лексикон и ни откри интересни работи за себе:
1. Како се викаш и дали имаш прекар?
Моето име е Ване, а прекар сум немал никогаш и ми е ептен криво заради тоа.
2. Колку години имаш и што си во хороскоп?
37 години, Стрелец.
3. Која ти е омилена песна? А пејач и пејачка?
Имам три песни, ама ако треба да селектирам една, тоа нека е Bring Me to Life - Evanescence. Пејачка или пејач омилен немам.
4. А омилена книга?
„Моќта на позитивното мислење“ од Норман Винсент Пил.
5. Омилен глумец, глумица, филм, серија?
Game of Thrones.
6. Имаш ли омилен спорт, клуб, спортист? За кого навиваш?
Пливање, скијање и возење велосипед ми се омилени спортови. Омилен клуб или спортист немам.
Не сум некој фан-навивач. Спорт следам само кога игра репрезентација.
7. Имаш ли милениче? Како се вика?
Имам 4 кучиња, Буби, Смајли, Аја и Бро.
Бро ни се придружи во екипава пред некоја недела. Сите се од улица.
8. Која е најчудната/најглупавата порака што си ја пратил некому по грешка?
Искрено, не можам да се сетам. Секојдневно, посебно сега со социјалниве мрежи, се случуваат грешки и глупости при пишување.
9. Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
Ако би можел пак да растам и бирам, тогаш би бил актер.
10. Кој ти е омилениот пијалак? А храна?
Сок од круша и пица.
11. Кој ти е најдобар другар/ка? Колку долго се дружите?
Имам неколкумина луѓе кои ми значат многу во животот.
12. Каков ученик беше? Кој ти беше омилен предмет?
Бев одличен ученик. Повеќе снаодлив за добра оценка него ли дете кое многу учеше.
13. Кој ти е идол (а да не е позната личност)?
Дедо ми.
14. Кога би можел да си лик од цртаните, кој лик би сакал да бидеш?
Џивџи, или Тweety.
15. Кои ти беа најомилени игри во детството?
Имав детство исполнето со игри. Омилено ми беше кога го собирав цело маало и ги терав да играме ТВ и радио емисии.