„Моето дете стана прваче во скопско училиште - Колку е тежок товарот на 6-годишно дете?“
На ќерка ми ѝ облеков фустанче и хулахопчиња, ѝ ја средив фризурата и тргнавме во училиште во нашата населба во Скопје. По пат падна и ги скина хулахопките. Но, она што ме изненади беше тоа што не плачеше затоа што ја болеше повреденото колено, туку затоа што ги скинала хулахопките: „Леле, мамо, си ги скинав хулахопките, сега сите ќе ми се смеат“. Колкав товар носат нашите деца и дали како родители навистина им помагаме?
Помина првиот месец од новата учебна година. Со големиот број дечиња што годинава седнаа за првпат во училишните клупи беше и ќерка ми. Шестгодишно девојче, кое сѐ уште многу сака да си игра...
Секое утро ја носам во училиште, а, признавам, најтешки ми се понеделниците и петоците, односно деновите кога го носиме и го враќаме училиштниот ранец, полн со книги, тетратки, боички, линијари, влажни марамчиња, опрема за физичко образование...
Се прашувам некогаш што сѐ може да собере во тој ранец и нели е премногу мало детето за да го носи тој товар.
Но, како за сите, така и за нас. Се снаоѓаме. Ние ѝ го носиме ранецот до училиште, ние го земаме кога се враќаме, свесни сме дека тежината е голема. Доколку видиме некое од нејзините другарчиња како се мачи, ќе му помогнеме...
Се обидуваме секојдневно да ја потсетуваме да не ги заборава работите во шкафчето, да си ги зема џемперите и книгите...
Но, нема да ви зборувам сега само за тоа колку тежи товарот со училиштниот прибор, ниту пак за тоа колку се тешки лекциите. Како што реков, со таа тежина се снаоѓаме. Работиме напорно, ѝ помагаме.
Пред некој ден, станавме рано и ќерка ми ме замоли:
„Мамо, те молам облечи ми денес фустанче. Јас сум девојче сакам да носам фустанче како сите други девојчиња во училиште!“
Во ред, ѝ облеков фустанче и хулахопчиња, ѝ ја средив фризурата и тргнавме. По пат скокаше од радост со фустанчето и со балетанчињата, пресреќна што тој ден 'сите ќе ја сакаат затоа што е облечена исто како нив'.
Во еден миг, се сопна, падна и ги скина хулахопките, а си го удри и коленото.
Она што ме изненади беше тоа што не плачеше затоа што ја болеше повреденото колено, туку затоа што ги скинала хулахопките:
„Леле, мамо, си ги скинав хулахопките, сега сите ќе ми се смеат“.
Со оглед на тоа што бевме блиску до дома се вративме и брзо ги сменивме хулахопките, но целиот настан ме натера да размислувам повеќе на оваа тема и да се запрашам: „Дали како родители навистина сме свесни колку тежи ранецот на едно 6-годишно дете? Дали сме свесни дека товарот не е само заради книгите?“...
„Леле, сега откако почнав во училиште не смеам да одам во тоалет кога сакам, а што ако не издржам – сите ќе ми се смеат“,
„Леле, што ќе правам ако се извалкам додека ја јадам ужинката?“,
„Мамо, пред некој ден две другарчиња ми чепкаа во косата и ми се смееја дека имам бубачки“...
Ова се приказни што секојдневно ги слушам и се трудам да најдам одговори и убаво да објаснам што треба да направи, во ситуациите во коишто можам да помогнам.
Но, не можам да влијаам на тоа децата да не ѝ се смејат.
Кој може да го направи тоа?
Па се знае, за тоа треба сите родители да седнат и да размислат како ги воспитуваат сопствените деца.
Во училиштето не се гледа само знаењето за лекциите што се учеле, туку, најмногу до израз доаѓа домашното воспитание.
Им кажувате ли на децата дека не треба да се смеат кога некој е поразличен од нив?
Им објаснувате ли дека не треба да се потсмеваат ако некое дете има скинати хулахопки затоа што секому може да му се случи да падне и да ги скине?
Им појаснувате ли дека воопшто не е убаво да лажат дека некој има вошки, или бубачки, или како и да ги викате, и на тој начин да го деградираат и да му вршат булинг?
Им појаснувате ли дека некои родители немаат доволно пари за да купат основни работи, а не скапи патики и облека?
Дека некои деца воопшто не знаат што е таблет, не затоа што не сакаат или затоа што се глупави, туку затоа што родителите не се во можност да му дозволат таков луксуз.
И на крај, што е тука чудно ако некое девојче не сака да носи фустанчиња, туку повеќе сака да носи фармерки и панталони?
Сите ние сме различни и во тоа е убавината на животот, но како родители имаме морална обврска да си помогнеме еден на друг.
Исто како што во понеделник или во петок нема да оставам нечие дете да се мачи со претешкиот ранец на плеќите додека се труди да ги однесе книгите до училница, исто така се трудам да ја научам ќерка ми дека сето тоа што се случува околу неа е сосема нормално и дека нема потреба да се смееме на тие работи.
Но, ми помагате ли и вие да го поднесеме товарот од тежината? Размислете на оваа тема?
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com