Магијата на старите македонски традиции и обичаи: Чевли за стројникот, блага ракија и мекици за новороденче

Според стари записи за обичаите во Македонија, по првата брачна ноќ некои на чардакот од куќата го простирале чаршафот со црвена дамка, а други пак на свекрвата ѝ ја носеле „невестинската“ кошула. Ако се докажало дека невестата е чесна, тогаш се викале свирачи, но ако била нечесна, тогаш, качена на магаре, седејќи наопаку, ја враќале во домот на нејзините родители. Кои други стари македонски обичаи полека се забораваат, а кои сѐ уште се практикуваат?

makedonski-tradicii-i-obicai-01_copy.jpg

Традициите и обичаите се длабоко вкоренети во секој народ, некои како нераскинлива врска со црквата и религијата, други кои своите корени ги имаат во старите пагански верувања, а трети пак се дел од македонската тажна и тешка историја.

Како што времето поминува и животот се менува со брзина на светлината, во постојаната трка со парите, традициите и обичаите, стари повеќе од стотици години, полека, но сигурно се забораваат.

Иако некои традиции и обичаи сè уште се почитуваат и практикуваат, повеќето од нив се само спомен и трага од минатото, нешто што нашите предци, прабаби и прадедовци го правеле, но во модерното време на живеење, некои тие македонски обичаи ги смеаат за застарени, закоравени и непотребни. Обичаите се поврзуваат со празнувањето на големи христијански празници, посебно со Божиќ и Велигден, а многу обичаи, кои денес се заборавени, се посветени за трите најважни моменти од животот: раѓање, свадба и смрт.

Бадникови обичаи: вечера на под и будни цела ноќ

Бадниковата вечера е еден од празниците кои се празнуваат низ цела Македонија, традиционално со лепче со паричка и посна трпеза со гравче-тавче, риба, сарми, баклава, тиква и костени.

Но, во минатото, за овој голем христијански празник се практикувале многу повеќе обичаи.

stari-i-zaboraveni-makedonski-tradicii-i-obicai-cevli-za-strojnikot-blaga-rakija-i-blagi-mekici-za-sladok-zivot-na-novorodence-02.jpg

Ретко е да види фамилија која својата бадникова вечера ја поставува на под, но порано, традицијата налагала вечерата да биде поставена на под, врз сено, жито и бадникови гранчиња. Сите седнувале на подот, крај огништето во центарот на собата и вечерале, а потоа, не ја раскревале трпезата, туку ја оставале цела ноќ, за духовите од предците да се послужат.

Зборот Бадник потекнува од старословенскиот јазик, што значи да бидеш буден. Таа ноќ, кога се слави раѓањето на Исус Христос, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“.

stari-i-zaboraveni-makedonski-tradicii-i-obicai-cevli-za-strojnikot-blaga-rakija-i-blagi-mekici-za-sladok-zivot-na-novorodence-03.jpg

Уште еден заборавен бадников обичај е месењето на обреден леб. За овој леб се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, којшто се нарекувал божја брада и се чувал поврзан со црвени конци.

Црвените конци го симболизирале животното кое ќе биде жртвувано за божиќната вечер.

Обичаи за новороденчиња: замотано во кошула од таткото и црвен конец против уроци

Стара македонска традиција е кога ќе се роди бебе, семејството да прослави со мекици за родните и пријателите.

Поканата за мекици значи дека има принова во домот. Симболот на мекиците е за детето да биде меко, и тие се служат со благо за тоа да има благ живот.

Традицијата да се подготвуваат мекици се практикува низ цела Македонија, но во некои краеви ги подготвува бабата, во други свекрвата, во трети, пак, сестрата на мајката, а во некои традиционално, таткото на новороденчето ги кани гостите на мекици во нивниот дом.

stari-i-zaboraveni-makedonski-tradicii-i-obicai-cevli-za-strojnikot-blaga-rakija-i-blagi-mekici-za-sladok-zivot-na-novorodence-05.jpg

Порано, на мекици се канеле само жени, кои носеле подарок за бебето и нешто благо за мајката, за животот да им биде сладок.

Стар и заборавен обичај, кој долго време не се практикува е бебето да се замота во кошулата на таткото и додека го запознаваат, гостите да стават различни предмети во кошулата како подароци за приновата.

Уште една македонска традиција која сè уште се почитува, е да не се посетуваат мајката и бебето во период од 40 дена. Објаснување за оваа традиција е што и мајката и бебето се слаби и таа се практикува за да се заштитат од зарази и бактерии од посетителите.

stari-i-zaboraveni-makedonski-tradicii-i-obicai-cevli-za-strojnikot-blaga-rakija-i-blagi-mekici-za-sladok-zivot-na-novorodence-04.jpg

Но, стар и заборавен обичај е во текот на 40-те дена мајката не смее да суши алишта надвор после заоѓањето на сонцето, и не смеат да излегуваат после заоѓањето на сонцето со бебето.

Во низата традиции за новороденчиња и мајките (леонки), се и оние кои штитат од зли очи и уроци. Обичаите против урочување велат дека мајките треба да им врзат црвен конец околу рачето на бебето или пак да им се облече чорапче наопаку.

Свадбарски обичаи: стројници и блага ракија за чесноста на невестата

Свадба тоа е најголемиот и најсреќниот ден за многу млади, посебно за невестите кои се центар на внимание на денот кога го кажуваат судбоносното „да“.

Порано свадбите се славеле три дена, а подготовките траеле со месеци, денес свадбите траат неколку часа, а главен акцент се става на забавата.

stari-i-zaboraveni-makedonski-tradicii-i-obicai-cevli-za-strojnikot-blaga-rakija-i-blagi-mekici-za-sladok-zivot-na-novorodence-06.jpg

Од старинските обичаи кои сè уште се почитуваат, но сè поретко, е одењето по невеста, „кршењето“ на врата и оставање пари во чевлите на невестата.

Многу млади одбираат модерни свадби, заборавајќи на старите македонски обичаи.

Главна улога порано имале стројниците, чија функција била да ги усогласат семејствата околу веридбата, даровите и целата свадба, а посебно значење имале, кога невестата и младоженецот биле од различни села или различни класи.

Стројниците ги договарале сите аспекти од свадбата, миразот на невестата и сите подароци, посебно оние од свекрвата за идната невеста.

Обичај било пред свадбата на стројникот да му се подарат чевли, бидејќи тој „трчал“ од едно во друго село за да ја договори свадбата.

stari-i-zaboraveni-makedonski-tradicii-i-obicai-cevli-za-strojnikot-blaga-rakija-i-blagi-mekici-za-sladok-zivot-na-novorodence-07.jpg

Според старите македонски традиции, неколку дена пред свадбата со разни обичаи се подготвувале идните младоженци, се почнувало со сеење на житото за погачата за во црква, плетењето на младоженската постела, плетењето на венците за зетот и невестата, замесување на погачата од свекрвата и немажени девојки и китењето на бајракот.

Од сите овие стари обичаи, само замесување на погачата сè уште се практикува.

Интересен обичај е играњето на Свекрвино оро, со кое мајката на младоженецот со домашен леб и со стомна во рацете го дочекува семејството и роднините на денот на свадбата.

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Кога си го возам бебето во количка низ Скопје ми требаат „супер моќи“ Постојано се качувам и симнувам од тротоар поради паркирани автомобили, правам р...
Нова година некогаш и сега: Сè се смени, останаа исти само руската салата и кифличките Иако скоро сè се смени во поглед на славењето на Новата година, трпезата остана ...
Исповед на Македонка: „Мислев дека имам циста, не очекував дека ќе ми кажат дека сум бремена“ Јас се сменив! Јас се сменив кога сфатив дека ќе бидам мајка. Се сменив кога на ...
„Мојата најдобра другарка мисли дека сум ѝ дадилка - веќе не сакам да ѝ го чувам бебето“ „Никој од нејзиното семејство, па ни нејзината мајка, не сака да ѝ помогне зашто...
Секој маж треба да се „разведе“ од својата мајката пред да се ожени... Мажи, заборавете на изјавите „Иста си како мајка ми“, „Мајка ми знаеше подобро“,...
„Секогаш пофали ја храната што ти ја приготвува сопругата“: Совети од мајката до нејзиниот оженет си... Помини шест вечери со семејството, а една со пријателите - важно е за ментална р...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg