Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на телефон и во ресорт во Турција

На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на летото, крајот на безгрижните детски денови поминати во игра и спиење до доцните часови.

kako-go-pominav-letniot-raspust-vo-selo-kaj-baba-i-dedo-i-vo-kamp-prikolki-vo-struga-vs-po-cel-den-na-telefon-i-resort-vo-turcija-01_copy.jpg

Како што се приближуваме кон септември и почетокот на новата учебна година, детските срца почнуваат силно да бијат од возбуда за враќањето во клупите, но и од тага по долгите денови без книги, тетратки и домашни задачи.

И секако, првата задача штом се слушне ѕвончето за првиот час од новата година, е традиционалното пишување на тема: „Како го поминав летниот распуст“.

Секоја година, иста традиција, непишано училишно правило, секој ученик мора да помине низ тоа.

Каде бев на летен одмор, што правев со другарите, дали патував, кои лектири ги прочитав, плажа или планина, град или село…

Во мое време, пред повеќе од дваесет години кога бев ученичка, се знаеше, летниот распуст беше резервиран за посета на баба и дедо во село и одмор на езеро во камп-приколки, читање на лектири и игри без крај.

Сега, пак, селата се празни, чат-пат по некоја луксузна викендичка скриена меѓу густите дабови шуми, а летниот распуст, децата го поминуваат затворени во своите станови под клима, и со по некоја прошетка во вечерните часови и секако, ресортите во Турција.

1996: Кај баба и дедо, споменар за петките и симпатијата од Струга

Како го поминав летниот распуст – Марија, IV - 2 одделение

„И оваа година поминав со сите петки и пресреќна сум. Мама и тато се горди на мене. 

Едвај чекам да ги земеме свидетелствата за да им ги покажам петките на баба и дедо. Сигурно ќе ми дадат пари.

Лани ми дадоа по 100 денари за секоја петка. Ги потрошив додека бевме на одмор во Дојран, си купив нараквица, мече и многу сладоледи за мене и Марко.

Марко нема петки, бидејќи не оди на училиште. Дури следната година ќе почне во забавиште.

Штом заврши годината, на 10 јуни, прославивме со мама, тато и Марко во Луна Парк.

Беше навистина забавно. Потоа секој ден, додека мама и тато беа на работа, јас, како поголема, попаметна и одговорна сестра се грижев за Марко.

И тој е навистина послушен. Секој утро гледавме цртани, а потоа си игравме во дворот од зградата. Мама ни дозволи пред ручек да бидеме надвор, ако не е многу топло, секако.

Катерина од мојот клас живее во истата зграда, па и таа доаѓа да си играме.

Таа нема брат или сестра, ама ги има најубавите барбики. Јас имам само една.

Додека ние си игравме со барбиките, Марко најчесто редеше сложувалка или коцки. Брат ми навистина сака коцки, и секој роденден добива нови за подарок. Мислам дека имаме десет кила коцки дома.

Обично после ручек одмараме, мама и тато во дневната соба, а јас и Марко во нашата соба. Тој секогаш заспива после ручекот, а јас читам.

Уште пред да завршиме јас си ги зедов сите лектири за петто одделение. Имаме седум книги, што значи ќе бидам зафатена летово.

Навечер игравме криенка и брканица. Марко не доаѓаше навечер со мене. Мама вика дека уште е мал и се плаши од темница. Јас можев да бидам надвор до 22 часот, а за викенд до 23.

свидетелствата ги земавме на 23 јуни. Добив нов фустан од мама и тато. Беше розoв со бели панделки.

А за петките од учителката ја добив книгата „Втората смена“, а од мама и тато нов споменар. Навистина прекрасни подароци.

Штом ги земавме свидетелствата немав веќе обврски во Скопје, па дојде мојот омилен дел од распустот, дури и поомилен од плажата.

На гости кај баба и дедо во Богомила, заедно со братучетка ми Елена од Битола.

Тато беше на работа, па мама нѐ однесе до Прилеп со воз.

Прв пат се возев со воз и беше прекрасно. Бевме само јас, мама и Марко во купето. Мама донесе сендвичи, сок и смоки.

Марко одма заспа, а јас гледав низ прозорецот и разговарав со мама за одморот во август.

Ми се допадна возот. Цел јули го поминавме во нивната куќа на село со огромен двор. И најдобриот дел што баба се грижеше за Марко и Аце, другиот братучед, па јас и Елена цело време бевме заедно.

Ја сакам Богомила, прекрасна е во лето, сѐ е зелено, весело и не е толку топло како во Скопје.

Има големи ливади.

Дедо напладне нѐ носеше да береме чај, имаше мајчина душичка и камилица.

Баба потоа го сушеше на балконот. Според неа, нема подобар чај од планинскиот.

Беревме и диви јагоди за џем. Баба ми дозволи да го мешам додека се вареше скоро два часа.

Но, баба и дедо не нѐ пуштаа да си играме цело време, моравме да им помагаме, зошто јас и Елена сме постари.

Носевме вода од бунарот, му помагавме на дедо да ја навади нивата со зеленчук и собиравме јајца.

Догодина можеби ќе пробам на измолзам крава. Сè уште ми е страв од нив. Елена проба, ама кравата ѝ ја шутна кофата и целото млеко се растури.

А навечер сите деца се собираа на сред село. Игравме најразлични игри.

Моите другарки се Нена која исто е од Скопје ама од населба многу подалеку од мојата и Еми која доаѓа од Прилеп кај баба ѝ и дедо ѝ. Навистина е забавно.

Понекогаш одевме и на панаѓур во стариот школски двор каде купувавме шеќерна волна и пуканки.

Ова лето баба ме научи да правам колачиња со мармалад. Едвај чекам да почнеме со училиште и да направам за моето одделение.

Во август бевме на одмор. Оваа година бевме во Струга, во камп-приколките во автокампот „АС“.

Пријател на тато средил и ние да имаме приколка до нивната. Имаа помали деца, па не ми беше многу интересно, ама Марко си играше со нив на плажа.

Јас се запознав со Ана и Бојан од Велес. И тие беа на одмор таму.

Ана беше многу немирна, но интересна.

Таа воопшто не читаше, додека Бојан постојано беше со стрипови во рака и зборуваше за суперхерои.

Јас понесов само една лектира на одмор. Името на Бојан често го пишував во мојот споменар.

Бојан беше одличен пливач и ме научи да скокам и нуркам. Тој имаше професионална маска за гледање под вода.

Ми се допадна Струга, но водата беше многу ладна.

Лани во Дојран беше потопла. Најубав дел од одморот ми беа прошетките навечер во градот покрај реката Дрим.

Имаше голем парк, па секоја вечер се возев на рингишпилот со Бојан. Само на нас двајца не ни беше страв. Марко го обожаваше возот, а Ана количките на судир.

Среќа што баба и дедо ми дадоа пари за петките, па секоја вечер си купував сладолед и крофни.

Кога се вративме дома од одмор го варосавме станот и ги перевме теписите.

Е, тоа беше многу напорно. Најдолгиот викенд од мојот живот, ама барем сега мојот дел од собата е со виолетова боја, а на Марко со зелена и добивме нови завеси.

Тато ми вети нова полица за книгите, па избрав една бела.

Многу брзо ми помина распустот, можеше да трае уште еден месец, нели?

Кој крајот на август бевме на саем и купив нов ранец и патики.

И така го поминав мојот летен распуст, прво кај баба и дедо, а потоа во Струга, ги прочитав сите книги и запознав нови другари.“

На следната страница сосема поинакво сведоштво од девојче што годинава завршило 4-то одделение...



Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Ми недостасува играњето надвор до доцна кај баба и дедо на село и ладната вечера Кога бев дете не го сакав крајот на летото и август. Тогаш си доаѓав дома од сел...
Се скарав со најдобрата другарка, егото не ми дава да ѝ попуштам - Како уништивме 15 години пријател... „Плачев зашто не ми беше сеедно, зашто работите се менуваа, зашто наместо да има...
Марко Марк за CRNOBELO лексикон: „Сакав да бидам пилот кога ќе пораснам“ „Се збогував и со двајцата крзнени другари пред една година - мојот непрежален з...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg