Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на телефон и во ресорт во Турција
2023: Нов телефон и одмор во Турција
Како го поминав летниот распуст – Леа, IV - 3 одделение
„Овој летен распуст јас го поминав на одмор во Турција со мама и тато.
Тоа беа најдобрите две недели од мојот распуст.
Бевме и двапати во Охрид за викенд, во викендичката на тета Бети.
Кога ја завршив учебната година мама ме запиша на часови по пливање и на часови по танц.
Секое лето јас одам на часови во пливање наутро.
Оваа година за првпат се запишав на часови за модерни танцови.
Идејата беше на мојата најдобра другарка Ања.
Живееме во иста зграда, но не одиме во исто училиште, па заедно одиме на часови по танц. Ања е многу забавна ама учи многу па не се гледаме многу често.
Часовите по пливање почнуваа во осум часот секој ден.
Ова лето за првпат баба ми не ме носеше на часовите по пливање. Одев сама.
Живееме блиску до Олимпискиот базен, па бидејќи веќе имам 10 години можам сама да одам.
Од осум до десет часот секој ден одев на пливање. Повеќето од децата се истите од лани. Не сакам многу да пливам, но мама вели дека морам.
Пливањето е добро за моето тело и е добра и здрава навика.
Кога ќе завршев со часовите веднаш одев дома.
Баба доаѓаше да направи ручек. До лани баба секој ден ме чуваше, па сега доаѓа само за ручек бидејќи мама и тато доцна се враќаат дома.
Имаат своја фирма па немаат работно време како другите мајки и татковци.
Тато често оди на пат, а мама се грижи за маркетингот. И јас еден ден ќе работам во нивната фирма. Јас сакам да бидам уметник, но мама вели дека тоа не е добро платена професија, ама може да ми биде хоби.
Сакам да научам да готвам, ама баба не ме пушта да ѝ се мешам во кујна, вели дека сум уште мала.
Па додека таа подготвува ручек, јас си играм на мобилниот телефон и разговарам со другарките.
Оваа година поминав одлична и за подарок добив нов мобилен телефон, iPhone 13, ист како на тато. Мама рече дека е многу скап, па морам да го чувам и ако го изгубам ќе ме казни.
Јас го чувам и секој час морам да и пратам порака на мама да и кажам што правам и како сум.
Оваа година тато се претплати на каналот на Дизни и ми го инсталираше и на мојот телефон и сум пресреќна бидејќи сега можам да ги гледам сите филмови. Омилен ми е Аладин.
По ручекот баба си одеше дома, а јас останував сама дома. Имам нови книги и боенки, па времето го поминував читајќи и цртајќи.
Сакам многу да цртам, ама за жал нема курс за цртање за време на летниот распуст.
Мама ми вети дека следна година ќе ми купи вистинско платно и бои ако поминам одлична.
Веќе почнав да учам. Ања е една година постара па ми даде некои од нејзините книги.
Околу 18 часот одиме на часови по модерен танц со Ања. Одиме сами, а на враќање нѐ зема мајка и на Ања.
Тоа беше условот за мама да ми дозволи да одам на танц. Часот трае само еден час и навистина забавно. Ања е многу добра, јас уште се навикнувам.
Ги сакам викендите бидејќи тогаш мама и тато не се на работа па можеме да шетаме. Често одевме до Солун, бидејќи мама вели дека во Скопје нема ништо за шопинг. Додека мама е на шопинг тато ме носеше на плажа. Еднаш и Ања дојде со нас. Беше супер.
Во јули бевме две недели во ресорт во Анталија. Ова ми беше прв пат во Турција. Беше претопло и имаше многу Руси во ресортот.
Повеќе ми се допадна базенот отколку плажата. Имаше детски клуб па беше забавно.
Имав многу активности со клубот, учевме да кажеме „здраво“ и „благодарам“ на турски, одевме во аква-паркот во ресорт, игравме карти и имаше и дел за уметности, па јас можев секој ден да цртам.
На крај имавме и изложба и јас освоив награда за најдобар цртеж. Ми дадоа мал медал и голема порција банана-сплит.
Додека бев во детскиот клуб мама и тато одеа во теретана или во барот на плажа.
Додека бевме во Турција се дружев со едно девојче од Србија, Милена.
И таа немаше брат и сестра па цело време се дружевме заедно во клубот. И нашите се здружија, па се договорија во август да одиме во Белград.
Кога се вративме пак продолжив со часовите по пливање и танц. Иако ми ветија, не отидовме во Белград, но секој ден се допишуваме со Милена.
Пред да почне училиштето, бевме пак до Солун за купиме сè што ми треба.
Мама вели дека во Солун има многу поголем избор отколку кај нас. Купив многу нови пенкала во бои и боички во сите нијанси.
И така помина мојот распуст. Се надевам дека наскоро ќе одиме во Белград.“
Два летни распусти, две девојчиња, две приказни, и двете желни за другарување, едната милува да чита, а другата да црта, иако се во две тотално различни времиња.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело / фото: depositphotos.com