Некогаш првачето чекаше прва петка на рачето, денес - скапи патики и фотосесија за на Фејсбук
„Денес, првиот училиштен ден е посветен за ставање на фотографии на Фејсбук и вклучување во живо на Инстаграм. Првиот училиштен ден е само уште една причина за мини модна ревија и фотосесија на децата. Дотерани како за на свадба, со таблети во рацете, наместо ранец со тетратки, модерните првачиња ќе тргнат кон својот нов втор дом. Но, некогаш не беше така...“
Првиот училиштен ден, денот кога стануваме првачиња, ученици, е ден кој се памети за цел живот. Толку мали, а сепак се чувствуваме толку големи и важни.
Цело лето се планира тој голем ден, тој први септември, кога малите детски грбови ќе ја почувствуваат тежината на школските ранци, а со тоа и тежината на зборот „прваче“.
Верувам дека, како и јас, сите ја чувствувале таа возбуда од првиот училиштен ден, сонувале за клупите, за другарчињата, се надевале на добра наставничка, а пред сè, возбудено ги ределе и прередувале тетратките, моливите, боичките, гумите и сите мали потребни и непотребни ситници.
Моливот и тетратката, таа на сите нам, добропозната, сина тетратка со тесно-широки линии, ни беа верни придружници во првата училишна година.
Збунето, исплашено и силно ги стегавме жолтите моливи со црвена гума додека цртавме прави и коси линии, крукчиња и квадратчиња, и за мене најтешките, полжавчиња. Пиши и бриши, пиши и бриши, додека сите не бидат исти, како излезени од печатница, а не нашите први обиди за пишување. Солзи за грешките, горди насмевки за успесите!
А букварите, уредно завиткани, чувани во ранците, листани и прелистувани, додека не заспиеме.
На првата страница - „Брзај, Брзај прваче“, нашата химна. Кој имал постар брат или сестра, сигурно веќе ја знаел, па како и јас, гордо се фалел меѓу новите другарчиња.
Немаше како денес, толку широк избор, тематски прибори со најшарените моливи и пенкала, мирисливи гуми и фломастери во сите бои, нијанси и големи.
Денес, родителите треба да одвојат мало богатство за да ги подготват своите најмили за првите училишни денови. А наместо школскиот материјал, на повеќето поважни им се гардеробата, патиките и моделот на ранецот. Специјални шопинзи само за првиот училиштен ден.
Во мое време се знаеше, ХБ молив и гума пеликан, а за часот по ликовна уметност - блок и водени бои и, секако, пластелин. Фармерки и старки, и ужинка спакувана во пластична ќесичка.
Пред да тргнеме од дома, нè испраќаа со „Со лесно нека е“, а нè чекаа со парче торта!
Денес, првиот училиштен ден е уште еден ден од кој најмногу се ставаат фотографии за на Фејсбук и вклучување во живо на Инстаграм.
Првиот училиштен ден е само уште една причина за мини модна ревија и фотосесија. Дотерани како за на свадба, со таблети во рацете, наместо ранец со тетратки, модерните првачиња тргнат кон својот нов втор дом.
А родителите чиниш повозбудени од децата, како матура и дипломска да дочекале. Училишните дворови преполни со мајки и татковци кои наместо да ги слушаат советите од наставниците, зафатени се со фотографирање на првачињата, а тие професионално позираат.
А самиот ден се слави како да е матура, честење во кафеани, специјални колачиња во форма на училиштен прибор и подароци како роденденски.
И додека во моите училишни денови навистина учевме да пишуваме и читаме, се натпреварувавме кој има поубав ракопис, денес, првачињата се натпреваруваат кој има подобар мобилен телефон и таблет. Нема потреба од ранците полни со учебници за секој предмет, кога сè им е достапно во електронска верзија.
Се прашувам дали модерните првачиња знаат што значат турканиците во книжарниците за купување на учебници и работни листови? Порано со часови чекавме пред „Просветно дело“ за да купиме книги, а денес, само еден клик и сè е достапно.
Иако секако е полесно, но ништо нема да го замени мирисот на нова книга или лектира, возбудата да се гледаат шарените илустрации низ учебниците и среќата да се покажат 5-ките со црвено пенкало на домашните задачи.
Во ново време, нема ни оценки за првачињата, па, за жал, нема никогаш да ја дознаат таа емоција од првата петка на рачето. Која ли само гордост беше кога наставничката ќе ни напишеше петка за добрата работа или точен одговор... Со трчање одевме дома да го покажеме нашиот голем успех.
Прваче, тоа е првиот чекор во растењето, кога детската игра ќе ја заменат со училишните клупи, а играчките со моливите и тетратките, барем на кратко, сè до следниот викенд.
На училиште не се учи само да се пишува и чита, собира и одзема, множи и дели, се учи да се посвети внимание на тој што зборува, да се почитува наставничката и соучениците, да се другарува, да се помага, да се биде културен и воспитан.
Ни останува да ги научиме новите генерации, нашите деца, да се натпреваруваат со знаење и вештини, не со апликации и игри на мобилни телефони, да ги научиме на краснопис, а не куцање на тастатурите, да бојат и цртаат на листови, а не на екрани.
Да се вратиме во времето кога да биде прваче беше едноставна задача на букви и бројки, тетратки и моливи, а не таблети и електронски книги.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело