„Ах, ми недостига времето кога за родендени јадевме ресана и си купувавме моливи, денес родендените чинат 2 плати“
Порано, раните 90-тите, во моите детски години, родендените се славеа едноставно, но навистина весело. На менито традиционално, смоки, соленки и пуканки, а за слатко задоволство наполитанки, ресана и бомбици. Денес - роденденски забави кои чинат скоро две просечни македонски плати за мали деца кои воопшто нема ни да се сеќаваат на овој ден, а меѓу гостите повеќе возрасни отколку дечиња.
Роденден, тоа е денот кое секое дете нестрпливо го очекува, денот кога тоа е во центарот на вниманието на своето семејство, кога другарчињата насмеано го прегрнуваат и носат шарени подароци, денот кога ја добива тортата со омилениот лик од цртаните и денот кога сите му ги тегнат ушињата броејќи ги годините. Е, тоа е и не толку омилениот дел од роденденските традиции.
Родендените се причина за прослава, за смеа, песна и танц, за многу дружење и забава, без разлика колку свеќички славеникот ќе дувне на роденденската торта.
И иако традиционално, секогаш мора да се има торта, подарок и тегнење на уши, како што сè се менува, и роденденските забави се менуваа со текот на годините и децениите.
Оние детски прослави кои некогаш беа симбол на другарство, едноставност и среќа, денес се симбол на статус и лајкови на социјалните мрежи.
Смоки и соленки, тетратка и молив
Порано, раните 90-тите, во моите детски години, родендените се славеа едноставно, но навистина весело. На менито традиционално, смоки, соленки и пуканки, а за слатко задоволство наполитанки, ресана и бомбици.
Секако газиран сок, кој беше дозволен само на тој ден, Кокта и Газоза, а за помалите сок на растворање. Мини сендвичи од багет со шунка и кашкавал, секако кифлички и руската салата, задолжителен додаток на секоја прослава, новогодишна забава, матура или куќна слава.
Тортите големи, направени од вештите раце на мама и баба, украсени со шлаг во бои од кои јазикот три дена по ред беше обоен. Секако, свеќички.
Се играше криенка и брканица, а музика од радио или касетофон. Под декорации се подразбираа хартиени чинии и чаши со омилените ликови од цртаните филмови. А јаготка на шлагот, беше детскиот шампањ.
Подароците, омилениот дел на славеникот, тетратка и молив, кукла, автомобил или сложувалка, а од тетките се знаеше, облека. Врвни подароци беа велосипед или во тоа време, ролшуи.
Пицерии, слаткарници и рамки за слики
Роденденските забави во домашна едноставна атмосфера подоцна беа замените со пицерии и слаткарници, а вистинска атракција беше роденден прославен во Мекдоналдс.
И додека на родендените прославени дома беа поканети голем број на гости, за славењето во пицерија или слаткарница беа со само мал број на најблиски.
Ресторанот Мекдоналдс во центарот на Скопје беше вистинска атракција во почетокот на 2000-тите. Специјални покани, уште поспецијални подготовки, а сите возбудени за малите изненадувања од роденденското мени.
Едноставните подароци ги заменија кадифени мечиња, музички кутии, рамки за фотографии и парфеми.