Срце ме боли за бездомниците од кои вртиме поглед - спакувајте денес од вашиот ручек и однесете им
Се наоѓаме во пансионот наречен улицата од општеството. Се надевам ви се допаѓа приемот на гостите. Удобно е, можете слободно да бирате во кој ќош од улицата ќе се сместите, без да морате да платите. За храна воопшто не грижите се бидејќи нивното мени е навистина опширно. Кантите со смет биле повеќе од добар избор за преживување на гостите.
Овој пансион има навистина многу катови, само што домаќините овде прво ќе ве погледнат како сте облечени, колку пари имате во џебот и ќе ве прашаат што работите, а потоа ќе ви го определат вашето место во општеството.
Секојдневно го гледаме пансионот наречен улица кој е единствениот сведок на борбата за преживување на бездомниците. На луѓето кој се наоѓаат на маргините од нашето општество, кои немаат никаква помош. А ние се однесуваме како да е сè во ред, не сакајќи да им помогнеме.
Зарем нуркањето во кантите со отпад и собирањето на пластични шишиња е единствениот начин некој да преживее? Зарем улицата мора да биде креветот на многумина?
Каде е нашиот слух за тие лица? Каде е подадената рака на општеството кон нив?
Колку сме ние вистински луѓе доколку го игнорираме патењето на другите?
Срамот и предрасудите кон нив, постојано ја докажуваат нашата неукост и нехуманост како народ. Ние треба да бидеме нивната поддршка, да се потрудиме со нашата моќ да им помогнеме и да им го изградиме пансионот во кој ќе можат вистински да живеат.
Да живеат во пансионот во кој ќе нема накосени погледи кон нив, исмејувања и дискриминирања.
Би требало да им најдеме работа, па да можат рамноправно како и сите нас да живеат. Да им дадеме топол дом, бидејќи општество во кое многумина се на улица не е општество. Бидејќи и тие имаат право на пристоен живот како и сите нас.
Навистина е тешко да бидеш бездомник во која било година од животот, да бидеш сместен во пансионот на улицата на само шеснаесет години на пример. Не можам да ја замислам таа слика.
Ако си дете бездомник, тогаш каква иднина ќе можеш да изградиш, каков живот ќе живееш, за што ќе сонуваш?
Но искрено мислам дека нашата сиромаштија е многу поголема од онаа на бездомниците. Да бидеш непосакуван, да не му е грижа на никој за тебе, да живееш во сопствениот свет осудувајќи ги другите, тогаш твојата глад е многу поголема во споредба со онаа на луѓето кои немаат ништо да јадат.
Бидејќи и тие се исто толку големи колку и ние.
Да, можеби многумина од нас сме сместени на повисоките катови од овој пансион, но тоа нема да не направи поголеми од нив. Бидејќи бездомниците не се проблемот, туку тие се резултат предизвикан од проблемот.
Доколку мене ме прашате јас бездомниците ги сметам за исто толку важни како и најбогатите луѓе во ова општество. Тие се најубавите луѓе коишто ние ги имаме, тие се запознале со поразот, со патењето, горчината на животот, како и неможноста да си го дозволат она што им е неопходно, за разлика од некои луѓе на кои сè им е овозможено во животот како на тацна.
Наша обврска е да им помогнеме!
Земете нешто од вашиот денешен ручек, сигурен сум дека ви останува, спакувајте го и помогнете му на првиот човек којшто ќе го видите на улица.
Верувајте, вашиот потег може некому да му го разубави денот, а особено да спаси нечиј живот!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобело / фото: pexels.com