„Облечена во галичка носија, тешка 25 килограми, бев статист на Галичка свадба - од прва рака ја доживеав магијата“
Ги товараат ковчезите со чеиз на оседлан коњ. Свадбената поворка ја води бајрактарот, а по него е коњот со ковчезите.
Позади него е невестата на коњ качена, а од двете нејзини страни се братот, побратимот и побратимицата, кои внимаваат да не падне невестата. Се сметало дека ако таа падне, тоа ќе значи дека еден од младенците ќе умре.
По невестата одат сите сватови, а на крај од поворката се свирачите.
Штом стигнат на сред село, невестата плачејќи се збогува од нејзините најблиски.
Братот на невестата ја предава на идниот свекор, а пред да влезе во куќата на својот маж таа се поклонува трипати, потоа ја носат да замеси тесто во новиот дом, а свекрвата ја дарува со златни лири.
Така завршува првиот ден од свадбената церемонија, кога полека се разотидуваат сватовите и гостите.
Следниот ден околу пладне се случува чинот на венчавање на младите во прекрасната црква Св. Петар и Павле во центарот на Галичник и почнува веселбата на сред село, со музика и сите познати ора од овој крај, минимум 15-тина на број.
По завршувањето на венчавањето, невестата ја носат во домот на нејзиниот сопруг, но не по истиот пат по кој дошла пред венчавањето. Овојпат зетот оди пред неа и не дозволува никој да помине меѓу нив.
Бајракот останува пред куќата една седмица, а потоа рано в зори се трга. Доколку бил тргнат порано, тоа би значело дека невестата дошла нечесна, што досега колку што паметат моите предци, тоа не се случило.
Ова се само дел од обичаите кои ја прават Галичката свадба една и единствена.
Кој не го почувствувал ова избилие од бои, ритми, звуци и филозофски пораки за животот на младенците, навистина многу пропуштил во животот.
Веќе со звукот на зурлите и тапаните на Мајовците, морници ви поминуваат низ крвта, а душата и стомакот ви пулсираат заедно со нив.
Со нетрпение ја очекувам претстојната Галичка свадба, која како културна манифестација се одржува од далечната 1963 година, имајќи предвид дека Галичник нема мноштво постојани жители од 1970-те години, од некогашните 5.000 кои си живееле таму.
Младенците во поновата историја се бираат на конкурс, при што треба да имаат галичко потекло, односно барем еден од нив да потекнува од Галичник.
За крај на ова патување низ емоциите и обичаите на Галичката свадба, уживајте во стиховите на прекрасната поема „Мојот копнеж“ од поетесата Злата Бундалеска Карапанчева, која е родена токму во одаите на една од најубавите куќи во Галичник.
Мојот копнеж
Копнежот го надвладеа разумот,
и ништо не може да го пополни вакуумот,
кога сум долго без мојот Галичник,
од првиот плач во него вљубеник.
Три усти од убавицата Упија
ги облагороди сите што се напија
од оваа вода светена, чудесна
за живот и здравје од Бога ветена и денеска.
Горди се овде луѓето, горди ни се дечињата,
со љубов ги носат презимињата,
постари од ропството на империјата,
ја чуваат традицијата, ја чуваат нацијата.
Ова се прекрасни западни простори,
често газени од арамии, злостори.
Овде и бабите барутни пушки фрлаа,
на сејмени не веруваа и самите пукаа.
Петровден, ден на иднината, радоста,
кога се слави љубовта и младоста,
што ја зацврстува фамилијата,
со прочуената свадба, со церемонијата.
Чудесен настан со бои, солзи и жар,
за сите Бог посипал од ѕвездите дар.
Тоа се венчавањата, раѓањата, крштевањата
низ филозофските ритуали на свадбата.
Тапанот екнува во зората на Укален,
„Тешкото“ печалбари го вијат пред црквата,
симбол за непомир со ропството,
симбол за чување на родството, македонството.
Овде сме, секогаш се враќаме,
со љубов и почит му возвраќаме,
ги чуваме спомените љубоморно со надеж,
Галичник да заживее повторно.
На овие Алпи македонски, снеговни,
на овие возвишени западни простори,
следбеници на речта, на културата,
вљубени во црквата и архитектурата,
за да опстои традицијата низ векови.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кара | Црнобело / фото: приватна архива