Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто оставил по станот, спремај појадок, спремај ужинки за децата, набрзина поднашминкај се, облечи деца и летај накај училиште за да не задоцнат. Потоа, брзај кон работа, давај сè од себе минимум 8 часа. Врати се дома и соочи се со почетокот на домашното работно време. Ако не си стигнала да зготвиш, веднаш паркирај се пред шпоретот и почни.
Таман си завршила, доаѓа едното од децата и ти вика: „Аааааа, јас не ти јадам грашок!“ И тука ме мава шлог.
Полудувам, но се трудам со насмевка да го разубедувам или кога ми е премногу од сè, едноставно му пржам две јајца и се преправам дека сè е ок.
И кога ќе седнам едно кафе во мир да испијам, на децата им текнува дека имаат тешка домашна задача и им треба помош или неретко некој проект за кој треба прво да се истражува, па да се изработи. И за тоа тука е мама.
И потоа сфаќам дека веќе е вечер, садовите чекаат, куќата „шета“, а имам и еден куп алишта за пеглање, бидејќи децата секој ден од играње фрлаат валкана облека и машината за перење ја пуштам минимум еднаш во денот. Повторно морам да се дадам на работа.
И откако сè ќе средам, попатно и некој повик или мејл од работа не е реткост, таман сум решила конечно да направам нешто за себе, а тоа е да си легнам, ете го сопругот, видно одморен од попладневната дремка, со заводлив поглед бара да му се придружам во кревет.
Е, тогаш веќе зовривам, но сепак решителна дека можам сè да постигнам, успевам и неговите потреби да ги задоволам. Кога конечно сум во кревет, правам ретроспектива на мојот ден.
И на претходниот.
И на тој пред него.
И на останатите денови со години наназад.
И сфаќам дека мојот живот, а веројатно и животот на повеќето од нас жени е сведен на една рутина од која нема отстапки.
Пери, пеглај, чисти, готви, пишувај домашни, биди максимално продуктивна на работа и заработувај солидно, биди секогаш забавна и насмеана за да не се ширела негативна енергија по дома, ноќе на сопругот биди му како професионалка, а преку ден чесна и способна жена, мајка за пример, домаќинка за медал, а притоа стегната, дотерана и со широки видици.
Лежам и сфаќам дека тоа е судбината на повеќето жени, сигурно не сум единствена.
Но, најважното сознание е дека не сум жена, мајка, кралица, туку секоја од нас е:
Жена - кралица.
Мајка - кралица.
Сопруга - кралица.
Домаќинка - кралица.
Вработена - кралица.
Доволно е секоја од нас да биде барем едно од овие, за да биде кралица.
И јас така се чувствувам, како кралица над кралиците. Затоа што ниту еден маж не може да го издржи нашето темпо, нашата сестраност и начинот на кој со невидена леснотија успеваме да бидеме сè што се очекува од нас.
Понекогаш се прашувам дали сум жртва на потребите на останатите, но кога ќе согледам дека тоа е начинот на кој функционирам со години и тешко се излегува од таа шема, едноставно си велам: „Не сум жртва, јас сум кралица!“
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Кара | Црнобело / фото: depositphotos.com