Како правилно да го исчистите смартфонот и другите електронски уреди?
Денес секојдневието е незамисливо без смартфон или лаптоп, па бидејќи постојано ги користиме овие уреди, важно е и редовно да ги чистиме.
Добро размислете колку пати во текот на денот го допирате телефонот. Бидејќи сигурно не ги миете рацете секојпат пред да го допрете телефонот, сите бактерии од вашите дланки завршуваат на него.
Па, не треба да нè чуди што истражување спроведено во Англија покажало дека на 82% од телефоните на испитаниците имало бактерии, а на некои телефони ја имало и бактеријата ешерихија коли.
Да нагласиме дека скоро сите испитаници изјавиле дека редовно ги мијат рацете
Ова значи дека вашиот телефон е еден од највалканите предмети, без разлика колку често ги миеме рацете.
Па, станува јасно дека треба редовно да го чистиме телефонот, но и другите електронски уреди што ги користиме речиси секојдневно.
Како правилно да ги исчистите вашите електронски уреди?
Слушалки
Дури и ако имате водоотпорни слушалки, немојте да ги миете под млаз вода или да ги прскате со алкохол или што било друго.
Наместо тоа, пробајте некој од следните трикови:
Со четка за заби: Со сува четка за заби нежно отстранете ја, односно исчеткајте ја нечистотијата од тешко достапните места.
Со сапун/средство за садови и вода: Навлажнете крпа во вода со сапуница и внимателно истријте го пластичниот дел на слушалките.
Со алкохол: Натопете чепкалка за уши со малку алкохол и исчистете го пластичниот дел и дупчињата. Кога ги чистите дупчињата, немојте да притискате, туку само нежно поминете со стапчето за да ги дезинфицирате.
Смартфон и таблет
Повторно, дури и ако имате водоотпорен смартфон или таблет, немојте на него да прскате со ништо.
За овие уреди најдобро е да купите средство за чистење екрани - можете да го најдете во сите продавници за електроника. Овие средства ќе ги отстранат нечистотиите, без притоа да го оштетат екранот. Покрај тоа, не се скапи.
Како што напоменавме, не го прскајте средството на екранот, туку нанесете на крпа, па потоа избришете го.
Компјутер и лаптоп
Исто како за екранот на смартфонот, најдобро е да купите средство и за екранот на лаптопот.
Кога го чистите лаптопот обрнете внимание на следниве нешта:
- Исклучете го од полнач, а ако можете извадете ја и батеријата.
- Исчистете ги вентилите од долниот дел со помош на четка за заби. Препорачливо е и барем еднаш годишно да го носите лаптопот на професионално чистење – во вентилите лесно се собраа прашина која може да го прегрее лаптопот и да го оштети.
- Тастатурата е еден од највалканите делови, па немојте да ја прескокнете, особено ако имате навика да јадете пред лаптоп. За темелно да ја исчистите можете да купите компресиран воздух со кој ќе ги отстраните нечистотиите од просторот меѓу копчињата. Компресираниот воздух се продава во скоро сите продавници за електроника. Можете и да ја исчистите со четка.
- Потоа исчистете го екранот со крпа и средство за екрани.
- На крај пребришете го целиот лаптоп – можете да ја искористите истата крпа со којашто го исчистивте екранот.
Кабли и полначи
Веројатно не сте ни помислиле дека треба да ги чистите и каблите и полначите.
Најлесно е да ги исчистите со алкохол.
Нормално, прво извадете ги од струја, па натопете крпа или хартија за бришење раце со алкохол и пребришете ги.
Наместо алкохол, можете да ја натопите крпата и со вода со малку сапуница.
Портови и многу мали простори
Портовите на лаптопот, компјутерот, смартфонот и другите уреди лесно се полнат со прашина, па важно е да ги исчистите и нив.
Во овој случај немојте никако да употребувате вода од очигледни причини. Не употребувајте ни чепкалка за заби - иако чепкалките изгледаат како одличен алат за малите простори, тие сепак се направени од дрво, па можат да се поткршат и да се заглават во портот.
За да ги исчистите портовите ќе ви помогнат следниве совети:
- Исклучете го уредот и тргнете ги сите кабли и приклучоци.
- Најдобро е да користите нешто остро – како игла. Со иглата нежно извадете ја прашината од портовите. Бидете што е можно понежни и пробајте да не создадете никаков притисок.
- Наместо игла, можете да користите и компресиран воздух.
Ако не сте сигурни дека правилно ќе го изведите чистењето, секогаш можете да се обратите кај професионалец.
Колку често треба да ги чистите електронските уреди?
Смартфонот и уредите што ги користите секојдневно е препорачливо да ги чистите секој ден.
Потемелното чистење, како на портовите, е доволно да го правите еднаш месечно или кога ќе забележите дека се акумулирале прашина и нечистотии.
Спирова С. | Црнобело