Станете сајбер-одговорна организација, стекнете се со беџ и зголемете ја довербата кај вашите клиенти и соработници
„Сајбер одговорна организација“ е едноставна, но ефективна рамка што ќе ви помогне да воведете мерки и контроли за заштита на вашата организација, без оглед на нејзината големина, од цела низа најчести сајбер напади.
Сајбер нападите имаат различни форми и големини, но најголемиот дел од нив се едноставни по природа, извршени од релативно неквалификувани лица. Тие се дигитален еквивалент на крадец кој ја проверува влезната врата за да види дали е отклучена. Советите и добрите практики кои се дел од оваа рамка се дизајнирани да помогнат во спречување на сајбер нападите.
Сертификација за „Сајбер безбедна организација“ и користење на беџ
Со цел да се мотивираат органзиациите да имплементираат мерки и добри практики за сајбер безбедност во своето работење, MKD-CIRT воведува сертификација и „Беџ за сајбер одговорна организација”, кои ќе овозможат јасно препознавање на организациите што успешно ќе го завршат процесот на самооценување на своето работење и согласно правилата предвидени со процедурата успешно ќе ја завршат постапката за сертификација за „Сајбер одговорна организација“.
Беџот е визуелна ознака која секоја организација што успешно го завршила процесот за сертификација ќе може да го постави на својата веб-страница. На тој начин на своите корисници на производи и услуги ќе им предочи дека станува збор за организација што имплементира мерки и контроли за сајбер безбедност и следи добри практики во своето работење. Беџот ќе биде поставен само кај организациите што доброволно и самостојно ќе се пријават за сертификација за „Сајбер одговорна организација“ и кои успешно ќе го завршат тој процес.
Поволности
Процесот за сертификација и самооценување ви дава заштита од широк спектар на најчести сајбер напади. Ова е важно затоа што ранливоста на едноставни напади може да ве одбележи како цел на сајбер криминалци.
Сертификацијата ви дава потврда дека преземените мерки за одбрана ќе ја заштитат организацијата од најчестите сајбер напади, едноставно затоа што овие напади бараат цели и фирми кои не ги имаат воспоставените технички контроли што се дел од процесот на само оценување и сертификација за „Сајбер одговорна организација“. Услугата ви укажува на потребата да ги имплементирате основните мерки и контроли за сајбер заштита и да ги спречите најчестите напади.
Поволности за органзиацијата:
- Вашата организација е дел од листата на сертифицирани сајбер одговорни организации објавена на веб страницата на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT;
- Зголемување на посетите на вашата веб-страница преку врските поставени на веб страницата на MKD-CIRT и информирање за вашата организација како одговорна организација преку промотивните активности на MKD-CIRT;
- Зголемена доверба кај постојните и нови корисници на вашите производи и услуги;
- Зголемена препознатливост и доверба во вашата организација како „Сајбер одговорна организација“
Што не претставува беџот
Беџот не претставува потврда за успешна надворешна проверка за усогласеност на работењето на организацијата со меѓународни стандари. Организацијата самостојно и доброволно преку одговорното лице изјавува дека ги користи најдобрите практики за сајбер-безбедноста во работењето.
Листа на организации со издаден беџ
На веб страницата на МКД-ЦИРТ ќе најдете листа на организации со издаден беџ. Доколку кликнете на редот во кој се наоѓа компанијата која ве интересира ќе добиете повеќе информации за истата.
Станете сајбер-одговорна организација, стекнете се со беџ и зголемете ја довербата кај вашите клиенти и соработници.
Посетете ја веб-страницата https://mkd-cirt.mk/odgovorno-rabotenje-na-internet/ и дознајте повеќе информации за рамката за сертификација и беџот за сајбер-одговорна организација.