Го тестиравме Huawei P40 Pro: Има одлична замена за Google сервисите, неверојатни перформанси и камера
Со купување на Huawei P40 Pro автоматски се откажувате од Google сервисите, но по можноста да го тестираме, ве уверуваме дека тоа нема да ви биде никаков проблем со оглед на тоа што сите карактеристики ги задоволуваат потребите на корисникот и повеќе од доволно.
Имавме можност да го тестираме телефонот за кој многу се зборуваше, а она што е најспецифично е недостатокот на Google сервисите и Play Store, како резултат на американско-кинеската технолошко-трговска војна. Но, иако многумина се грижеа за тоа што ќе се случи со новата P серија, Huawei го направи најдоброто што можеше, па брзо ќе се навикнете и приспособите на промената на овој совршен уред.
PhoneClone за целосно клонирање на стариот уред во новиот P40 Pro
При подесувањето на телефонот, препорачливо е најпрво да ја инсталирате апликацијата PhoneClone преку која на лесен и едноставен начин ќе ги префрлите сите податоци и апликации од вашиот претходен телефон, без никаква мака. Апликацијата можете да ја користите независно дали претходно сте имале Huawei или телефон од друг производител.
Со оваа апликација, буквално ќе го клонирате вашиот претходен телефон на новиот Huawei P40 Pro и ќе имате сè што претходно сте имале на вашиот уред.
Доколку претходниот телефон бил Android, ќе може да ги клонирате сите податоци, фотографии, видеа, фајлови, контакти и апликации (со исклучок на оние на Google), а ако бил iOS, тогаш ќе ги клонирате сите податоци и фајлови, но без апликациите.
https://www.youtube.com/watch?time_continue=36&v=6nBG8IhR0bI&feature=emb_title
AppGallery во замена за Play Store
По кратко користење на телефонот, ова воопшто нема да го гледате како недостаток, со оглед на тоа што Huawei AppGallery ви нуди речиси подеднакво искуство како Play Store.
Како замена за Play Store, на овој телефон ќе ја најдете AppGallery која служи како продавница за преземање апликации, а принципот на користење е речиси ист, со мали промени во однос на некои апликации.
Покрај глобално познатите, без проблем ќе ги пронајдете и локалните апликации кои ви се потребни за секојдневно функционирање, а постојано се работи на дополнување на апликациите во продавницата во која се вложува многу.
Она што за многумина може да биде збунувачко, но е сосема очекувано, е тоа што овде нема да може да најдете Google апликации, како и некои од најчесто користените на претходните уреди.
Но, без грижи, постои начин да ги симнете и овие апликации со дополнителни алатки.
MoreApps за дополнителни апликации
Она што не може да го најдете во AppGallery ќе го најдете во MoreApps. Ова е апликација која може да ја инсталирате преку AppGallery и таму да пребарувате други апликации кои ќе ги преземете преку други разни извори.
Поголем дел од нив може да ги преземете преку APKPure, што при самото инсталирање ќе ви биде понудено како опција, но може да бидат понудени и неколку други извори за преземање, само треба да ги следите понудените опции и чекорите.
Mожеби ќе треба да вложите малку повеќе труд на почетокот додека го завршите тоа и се навикнете, но верувајте брзо ќе се приспособите, а потоа ќе ги почувствувате сите бенефити заради кои вреди да не се откажете само заради една постапка која ќе ви одземе повеќе време на почетокот.
Како и секогаш, Huawei не разочара со дизајнот на p40 Pro, беспрекорната камера и останатите перформанси кои ќе го направат користењето на истиот совршено и без никакви недостатоци.
Дизајн
Што се однесува до дизајнот, овој модел е вистинска елеганција и доаѓа во три бои на Ice White, Black и Silver Frost со совршен мат финиш.
Крајните линии на екранот не завршуваат остро, напротив, паѓаат надолу и се закривуваат на аглите, а помеѓу крајот на екранот и задната страна на уредот има алуминиумска тенка линија.
Заоблените краеви на телефонот создаваат совршена визуелна целина на екранот и на целиот уред, но прават истиот да „лежи“ во раката без аглите да ве бодат во дланката, независно во која положба го држите.
Најдоброто е дефинитивно заоблениот дел на долната страна на екранот, кој овозможува беспрекорно, мазно лизгање по екранот од долу-нагоре, без никакви препреки на остри краеви и прекини, но истите движења се мазни и од страните.
Екран
Huawei P40 Pro доаѓа со 6.58 инчен OLED екран со висока резолуција од 2640х1200 пиксели и повисока стапка на освежување од 90Hz, што овозможува бескрајно уживање во она што го гледате, а посебно очите ќе ја забележат разликата при играњето игри, но ќе забележите и помазни реакции на допир низ екранот.
Доволно е голем за да имате пристоен преглед на работите на екранот со оглед на тоа што е искористен целиот преден дел максимално, но истовремено нема да чувствувате проблем да го држите во рака додека скролате по него или гледате нешто.
Визуелното искуство е на највисоко ниво, можете да го подесувате екранот според потребите на вашиот вид и светлинските услови на околината, но истиот реагира одлично на секаква светлина, па нема потреба да се грижите дали ќе гледате добро кога сонцето свети силно или дали очите ќе ви се заморат кога навечер поминувате подолго време на него.
Во левиот горен агол на екранот е интегрирана предната двојна камера и сензорот за отклучување на телефонот со скенирање на лицето, кои се поставени во црна елипса која зафаќа малку поголем дел од лентата за известувања.
Истата елипса може да одберете дали сакате да биде дел од екранот и да го прикрива тој дел или да биде преклопена со статусната лента доколку не сакате да биде толку истакната камерата.
Перформанси
Со брзината и моќта на врвниот чипсет Kirin 990 5G ќе добиете револуционерно искуство и неверојатно подобрени перформанси. Според компанијата, благодарение на технологијата 7nm + EUV и иновативните архитектури на процесорот, HUAWEI P40 Pro постигнува висока ефикасност и флуидност на системот.
P40 Pro доаѓа со осум-јадрен процесор (2x2.86 GHz Cortex-A76 & 2x2.36 GHz Cortex-A76 & 4x1.95 GHz Cortex-A55), а што се однесува до меморијата, 8GB RAM И 256GB внатрешна меморија, па не мора да се грижите за недостатокот на меморија што веројатно претходно сте го искусувале, а со сигурност не треба да ве загрижува моќта и брзината на телефонот додека ги извршувате секојдневните функции, па дури и кога играте игри.
Кочењето на апликации, бавното отворање, прекините и сецкањата кои со сигурност ви оделе на нерви со претходните телефони, се минато со Huawei P40 Pro.
Батеријата од 4200mAh како што може да очекуваме од P серијата на Huawei може да издржи до 2 дена без проблем, а со можноста за супер брзо полнење уредот се полни од 0% до 100% за само половина час. 30 минути за 48-часовно искуство без проблем.
Камера
За крај, секако она што многумина едвај чекаат да го доживеат, а тоа е беспрекорната четворна камера Ultra Vision Leica која се состои од:
- Главна камера со 50 MP SuperSensing
- 12 MP Телефото Камера
- Филмска камера со широк агол од 40 MP
- Камера 3D Depth Sensing
HUAWEI P40 Pro може да се пофали со 45% подобра прецизност во бојата и способност за точна анализа и сегментација на околините и луѓето. Го обновува оригиналниот изглед со одлично осветлување, природна боја и остри детали, кои го прават крајниот резултат беспрекорен. 50х зумот пак, ќе ви овозможи детално да ја приближите околината која не може да ја видите со голо око.
Камерата овозможува супер јасност и прецизни детали со истакнати бои, без оглед на околината и условите на светлината (дневна, вештачка или вечерна), заради што искуството е незаменливо, независно каде и во кое време се наоѓате.
Во ноќни услови, нема потреба да се грижите за изгледот на фотографиите, бидејќи ќе може да постигнете одличен резултат со видливи предмети и детали, кои ќе добијат совршено осветлување, остра боја и низок шум.
Големиот број опции и режими на камерата за сликање ќе направат да се почувствувате како професионален фотограф, овозможувајќи ви да уловите детали и моменти од околината кои претходно никогаш не сте можеле да ги прикажете, а можеби и не сте ги забележале со голо око.
фотографирано со Silky Water опцијата
Што се однесува до предната двојна камера, се работи за 32 MP со автоматско фокусирање и камера со IR длабочина, а заедно овозможуваат совршено селфи, со поточна интелигенција на оптимизација на светлината, бојата на кожата и текстури, како и со природни ефекти и боке ефект. Мулти фокусот пак, овозможува совршено групно селфи.
Покрај фотографиите, и вашите видеа може да бидат уникатни и привлечни, со високиот квалитет кој го нуди овој уред. Сега и со предната и со главната камера може да снимате 4к видеа со висока резолуција, па можеби токму сега е време да почнете да се занимавате со снимање видеа или влогови? Но, и видео конференциите сега добиваат поголемо значење, па квалитетната предна камера е важна и во бизнис сферата.
Дефинитивно, Huawei P40 Pro е телефонот кој ви овозможува најдобри перформанси и камера, за што вреди да се инвестира. Не дозволувајте недостатокот на Google сервисите да ве спречат да уживате во максималното задоволство кој овој уред ги нуди.
За повеќе информации, посетете ја официјалната страна на Huawei.