Иднината на будизмот: Јапонски храм има робот свештеник
Дали некогаш сте си помислиле дека роботите ќе ги заменат и свештениците? Можеби ви изгледа како сцена од научно-фантастичен филм, но еден 400-годишен јапонски храм најми робот кој ќе ги држи церемониите.
Роботот се вика Миндар и е направен според будистичката божица на милоста. Роботот е со големина на човек и се наоѓа во храмот Kodaiji во Кјото.
Иако многумина го споредиле роботот со чудовиштето на Франкенштајн, изгледа дека тој одлично си ја врши работата. Наводно, дури и неговите „колеги“ изјавиле дека роботот прави чуда за духовната традиција која е основана пред повеќе од 2.500 години.
Нагласувајќи ја бесмртноста на роботот, будистичкиот свештеник Теншо Гото изјавил дека единствената разлика помеѓу роботот и свештеникот е тоа што свештеникот ќе умре.
„Миндар може да запознае многу луѓе и да складира многу информации. Роботот ќе еволуира бескрајно.“
Храмот бил обвинет за богохулење, но Теншо не се согласува со ова.
„Будизмот не е верба во Бог, туку следење на патот на Буда. Не е важно дали е претставен од машина, парче метал или дрво.“
Роботот Миндар е висок 195 cm и воглавно е направен од алуминиум. Рацете, дланките, лицето и рамената на роботот се покриени со силикон, така што наликуваат на човечка кожа. Роботот е програмиран да води 25-минутна церемонија и да ги движи торзото, рацете и главата.
Телото на роботот нема пол и е резултат на соработката помеѓу храмот и професорот по роботика Хироши Ишигуро. Наводно, целиот проект чинел 1 милион долари.
Спирова С. | Црнобело