Илон Маск планира да основа колонии на Марс до 2022 година
На Интернационалниот aстронаутски конгрес 2017 во Австралија којшто се одржа годинава, основачот на SpaceX и Tesla Motors, Илон Маск, ги образложи плановите за неговата визија луѓето да станат интерпланетарен вид со присуство на Марс, а можеби и подалеку.
„Иднината е многу повозбудлива и интересна ако сме вид којшто патува низ вселената, наспроти тоа ако не сме. Треба да веруваме во иднината и да мислиме дека иднината ќе биде подобра од минатото.“ – изјави Илон Маск на почетокот на неговото излагање на плановите.
Очигледно дека овој план ќе биде многу скап, но Маск верува дека нашол начин како SpaceX ќе собере средства за тоа. Голем дел од планот претставува идејата да се заменат сите постоечки летала на SpaceX со новата BFR ракета.
Таа ќе биде смалена во големина во однос на првобитната идеја и ќе има еден погон и еден брод којшто ќе ги замени постоечките Falcon 9, Falcon Heavy и Dragon, како со можностите за сервисирање на Меѓународната вселенска станица и потребите на корисниците на сателитите во орбита, така и со потребите за пренесување на материјали и екипаж на Марс и воспоставување на база на Месечината.
BFR ракетата се планира да може да носи големи сателити во орбита, да собира вселенски отпад од орбитата на земјата и да може да ја опслужува Меѓународната вселенска станица, а со тоа и да обезбеди финансии за развој на програмата за формирање на колонија на Марс.
„Годината е 2017, мислам дека до сега требаше веќе да имаме лунарна база – што се случува по ѓаволите?“ – запраша Илон Маск за време на своето излагање.
BFR ракетата ќе може да врши и мисии до месечината без да треба да дополнува гориво на месечината, а тоа ќе овозможи услови за развој на база на месечината којашто би го олеснила понатамошниот развој на вселенското патување.
Првобитната идеја е до 2022 година, на Марс да слетаат 2 карго мисии. Првиот BFR вселенски брод треба да почне да се гради во наредните 6 до 9 месеци, а Маск верува дека за пет години ќе може да се испрати на првата мисија. Целта на првите мисии ќе биде да се потврди присуството на вода и да се постават бази за производство на електрична енергија, ископување на руда и системи за поддршка на живот за следните мисии.
Понатамошните мисии во 2024 би се состоеле од 4 брода, од кои 2 би биле карго летала, а 2 би биле летала со екипаж. Во оваа фаза целта би била да се направат фабрики за гориво и да се однесат првите луѓе кои ќе живеат на Марс, како и да се направи база за продолжен престој на површината на црвената планета, а од тоа да се продолжи во изградба на град кој постепено ќе расте.
Илон Маск, сепак, на крајот на своето излагање го остави најдоброто, а тоа е комерцијален вселенски лет со којшто би се стигнувало на секое место на земјата за помалку од еден час.
(O)Милена | Црнобело