Постојат 5 вида „зависници“ од мобилни телефони (и интернет) – На која група ѝ припаѓате вие?
Дали се чувствувате изгубено ако во моментот паметниот телефон не ви е при рака или немате интернет конекција? Денес, сите сме помалку или повеќе зависни од паметните телефони, а со помош на новото истражување можете да откриете на кое ниво се наоѓате вие.
Научниците на Универзитетот во Сури направиле ново истражување, со цел да креираат нова скала што ќе го детектира нивото на зависност од мобилните телефони и интернет.
Според истражувањето, луѓето до 24 години поминуваат околу 6 часа дневно на мобилните телефони, додека постарите од 24 години поминуваат околу 4,6 часа секој ден.
Направена е нова скала, во која се дефинирани пет типа на „зависници“ од мобилни телефони и интернет.
Погледнете во која група ќе се препознаете себеси:
Повремени корисници
Се вклучуваат на интернет само со одредена цел и брзо се исклучуваат без да се задржуваат непотребно.
Најчесто овие луѓе не покажуваат знаци на зависност и најчесто станува збор за повозрасна категорија луѓе, што немаат голем интерес за проучување нови апликации.
Постојани корисници
Често им се случува да останат на интернет подолго отколку што планирале, па често им се случува да ги занемарат домашните обврски.
Интересно е што овие луѓе не се сметаат себеси за зависници, но се заинтересирани повремено да тестираат нови апликации и технологија.
Најчесто ова се луѓе на возраст над 26 години.
Експериментатори
Се чувствуваат неудобно или вознемирено кога не се вклучени на интернет, а состојбата веднаш им се подобрува штом добијат интернет конекција.
Тие секогаш се заинтересирани да испробуваат нови апликации и технологии и вообичаено се на возраст од 22 до 24 години.
Зависници кои не ја признаваат зависноста
Покажуваат знаци на зависност. Често знаат да започнат нови романтични и пријателски врски на интернет и ги занемаруваат сите обврски во реалноста за да бидат онлајн.
Клучно за нив е што не признаваат дека се чувствуваат вознемирени кога не се онлајн, но се чувствуваат многу самоуверено секојпат кога тестираат нова технологија и апликации.
Зависници
Отворено ја признаваат нивната зависност и го препознаваат негативното влијание на интернетот и паметниот телефон врз нивните животи.
Тие се најсамоуверени во користењето на новите апликации и технологија, но времето што го поминуваат со мобилниот телефон значително се разликува од она на повремените корисници.
На која група корисници припаѓате вие?
Б. С. Б. | Црнобело