Инспиративна приказна за 6-годишна гимнастичарка која остана без нога во руски ракетен напад и тренира со простетичка нога
- Детали
- четврток, 16 март 2023
6-годишната гимнастичарка Олександа Паскал од Украина лани ја загуби ногата во руски ракетен напад, а откако пред неколку месеци доби протеза за ногата, повторно учеше да оди и сега повторно тренира, со што стана инспирација за многу нејзини врсници. Тажна приказна со инспиративен крај - доказ дека со упорност и желба, сè е можно...
Олександра Паскал од Одеса во Украина има инспиративна животна приказна.
Почнала да тренира гимнастика на три години. Иако мала, освоила неколку медали во нејзините категории.
Но, нејзината кариера ја прекина воениот конфликт во Украина, кога во руски ракетен напад на 16 мај 2022 година ја загуби ногата. Ракетата го погоди рекреативниот центар и летните куќички во Затока, во близина на Одеса.
Олександра ја загубила ногата во нападот, а нејзината мајка се здобила со многу повреди и делумно го загубила слухот.
Откако лекарите ѝ ја ампутираа ногата до пола, Олександра поминала две недели во болница на интензивна нега.
Благодарение на добротворните акции на вработените во одделот за финансии на Градскиот совет на Одеса, Олександра доби најсовремена болничка протеза, и полека му се враќа на својот секојдневен живот.
Таа прво била на рехабилитација и учела повторно да оди. Па откако почнала да се движи сама, Олександра почнала повторно да тренира и гимнастика.
Веста за нејзиното спектакуларно враќање ја пренесоа и украинските, но и неколку европски медиуми кои пишуваат дека малата украинска гимнастичарка е инспирација со која треба да се гордеат сите.
А. Ј. | Црнобело