„Имам брада поради синдром на полицистични јајници – не сакав да живеам, но сега сум горда на неа“
- Детали
- сабота, 18 март 2023
Харнаам од Англија има синдром на полицистични јајници поради што ѝ расте брада, а поради малтретирањето на училиште, пробала и да си го одземе животот. Денес Харнаам е горда на својата брада и е инфлуенсерка и активистка која се залага за зголемува на свеста за нејзиното нарушување, како и прифаќање на разликите помеѓу луѓето.
Харнаам Каур е 32-годишна Британка со потекло од Индија, а стана светски позната благодарение на нејзината брада.
Харнаам има синдром на полицистични јајници поради што ѝ растат влакна на лицето. Во тинејџерските години била ужасно малтретирана од своите врсници, а дури помислувала и на самоубиство.
Но, денес таа е горда на својата брада и е активистка која се залага за зголемува на свеста за нејзиното нарушување, но и жена која сака да ги предизвикува родовите стереотипи.
Харнаам ја има споделено својата приказна во бројни интервјуа и емисии, а на Инстаграм има над 164.000 следбеници.
Младата активистка открива дека на 14-годишна возраст, била подготвена да се самоубие.
„Кога имав 14 години, на компјутерот во училишната библиотека напишав проштално писмо бидејќи сакав да се самоубијам, и го испртинав. Но, неколку девојки го зедоа пред мене и го прочитаа. И, знаете што направија? Ми се смееја.
Не мислев дека ќе живеам подолго од 16 години, но сега сум жена која си ја негува брадата. Понекогаш се прашувам како стигнав дотука“, вели таа во интервју за британскиот Mirror.
Харнаам е родена во Лондон каде што го поминала целото детство. Вели дека односот со семејството ѝ бил прекрасен, но сè се менувало кога ќе излезела надвор.
„Родителите ме носеа на фестивали и забавни паркови. Одевме на пикник во паркот и имавме забавни семејни вечери. Минувавме многу време со братучедите и спиевме заедно. Но, кога не бев дома, беше како во пекол.
Малтретирањето почна кога бев во градинка бидејќи бев тивка девојка со кафеава кожа и тоа ме правеше лесна мета. Колку повеќе ми се менуваше телото, толку полошо стануваше. Во пубертетот се здебелив.
Кога наполнив 11 години, почнаа да ми растат влакна на вратот. Мајка ми ме однесе на лекар и на 12-годишна возраст бев дијагностицирана со синдром на полицистични јајници. Симптомите вклучуваат нередовни менструации, влакна на лицето и проблеми со плодноста“, вели Харнаам.
По дијагнозата, Харнаам почнала да оди на депилација – двапати неделно во период од речиси четири години.
„И јас и мајка ми мислевме дека отстранувањето на влакната е најдоброто решение бидејќи луѓето ќе престанат да ме малтретираат. Но, не престанаа“.
Харнаам открива дека по секоја депилација, влакната растеле многу брзо, и тоа погусти и потемни. Па, еден ден решила да се откаже од депилирањето и да се прифати себеси.
„Ми требаше многу сила, но си помислив: ’Можам или да пробувам да се вклопам, или да бидам своја‘. Кога мајка ми ме праша зошто не одам на депилација, ѝ реков дека ќе ја задржам брадата“.
Ова се случувало за време на летниот распуст, па Харнаам цело лето се подготвувала психички да се појави на училиште со брада.
„Ништо не можеше да ме подготви за пеколот што ме чекаше. Ситуацијата драстично се влоши и почнав да се самоповредувам“.
https://www.instagram.com/p/Ci-uAiIrR4F/?hl=en
Ситуацијата кулминирала кога Харнаам имала 14-15 години и одлучила да си го одземе животот.
За среќа. Харнаам се премислила и успеала да заврши средно. Но, потоа почнале друг проблеми – поради изгледот, не можела да најде работа.
На 21-годишна возраст, пак, нејзините родители ѝ нашле сопруг на кому не му сметала нејзината брада. Но, ја оставил кога дознал дека не е девица.
Дури во 2014 година животот на Харнаам почнал да се подобрува. Новинар ѝ направил интервју, па нејзиниот Инстаграм профил се прославил преку ноќ.
„До 2016-та веќе ме канеа да се појавам на ревија на Модната недела во Лондон. Оттогаш се имам појавено во јапонскиот Vogue, Teen Vogue и Cosmo India. Имам одржано TED говор, а почнав и бизнис со шминки“.
Харнаам вели дека и денес луѓето ја гледаат чудно на улица и ѝ дофрлаат злобни коментари, но повеќе не се грижи за нив.
„Кога ќе размислам, и покрај сè, тоа што престанав да ја депилирам брадата е најдобрата одлука што сум ја донела. Бидејќи, повеќе не го кријам моето вистинско јас.
Луѓето зјапаат во мене и кажуваат лоши работи, но ја држам главата крената. Се опкружувам со луѓе кои не ми судат. Без разлика колку тежок беше мојот живот, благодарна сум“.