Роберто Кавали (82) доби син со 45 години помладата Плејбој зајачица Сандра Нилсон: „Пресреќен сум што имам уште едно дете“
- Детали
- четврток, 09 март 2023
Еден од најпознатите италијански дизајнери, Роберто Кавали, доби син на 82 години, со неговата партнерка, манекенката и Плејбој зајачица Сандра Нилсон (37). Ова е шесто дете на модниот креатор, кој вели дека е пресреќен што повторно станал татко. Што знаеме за нивната љубовна врска?
Роберто Кавали и поранешната шведска манекенка се во врска од 2014 година, а ова е нивно прво дете.
Една недела по раѓањето на синот, Кавали во интервју за италијанските медиуми потврди дека станал татко на своето шесто дете.
„Сандра се снаоѓа добро, а бебето кое се роди пред една недела токму овде во Фиренца, е прекрасно. Беше навистина емотивно да го видам синот веднаш откако се роди“, рече Кавали.
Дизајнерот, кој создаде модна империја во 1960-тите години, во интервјуто кажал и дека синот го добил името Џорџо, во знак на почит кон неговиот татко, кој бил застрелан пред крајот на Втората светска војна.
„Неговото име е Џорџо, како неговиот дедо, односно по татко ми кого нацистите го застрелаа во масакрот во Кавриља кога имав четири години“, рече Роберто Кавали за медиумите.
Роберто претходно изјавил дека конечно си ги остварил своите соништа, откако имал лошо и тешко детство по убиството на неговиот татко.
Тој вели дека трагедијата што се случила го оставила нем до 18-годишна возраст.
„Немав лесно детство. Татко ми беше застрелан од нацистите во јули 1944 година, во рацијата на Кастелнуово деи Сабиони.
Тој беше геодет, работеше во рудник во Валдарно. А јас престанав да зборувам, бев нем до 18 години. Но, потоа животот стана љубезен кон мене и јас бев награден за сè“.
Италијанскиот моден дизајнер, чие богатство тежи околу 500 милиони американски долари, има пет деца од двата претходни брака.
Роберто ги има децата Томазо и Кристина од првиот брак со Силванела Џанони, со која се ожени во 1964 година. Кавали се разведе од Силванела 10 години подоцна.
Тој ги има децата Роберт, Рејчел и Даниеле од неговиот втор брак со Ева Марија Диренер.
Кавали е во врска со манекенката Сандра Нилсон од 2014 година, иако некои медиуми ги поврзуваа уште во 2010 година, кога се појавија првпат заедно на моден настан.
Една година откако ја почна врската со Сандра, модниот магнат ѝ го купи приватниот остров Стора Рулинген во Шведска.
Островот од 81,5 хектари има вила со четири спални соби, ловечка куќа, базен и остатоци од тврдина на Викиншкиот рид, како и терен за голф. Овој приватен остров наводно чини 3,5 милиони американски долари.
Сандра е родена во Сјобо во јужниот дел на Шведска. Таа беше откриена од моден агент на 14-годишна возраст, кога била на семеен одмор во Париз.
Нејзините родители тогаш ѝ рекле да почека до завршувањето на средното училиште за да се занимава со манекенство, но откако дипломирала да биде медицинска сестра, таа почнала да позира со скратено работно време.
Се натпреварувала и на скандинавскиот избор за топ модел, а победила и на неколку натпревари за убавина, вклучувајќи го и шведскиот избор за Мис Хаваи Тропик.
Во јануари 2008 година е избрана за Зајачица на месецот на магазинот Плејбој.
А. Ј. | Црнобело