„Имам 23 години и посвоив 2 тинејџерки – луѓето не ме сфаќаат сериозно како мајка“
- Детали
- сабота, 11 март 2023
Млада 23-годишна девојка и нејзиниот 25-годишен сопруг посвоиле две тинејџерки на возраст од 13 и 15 години и иако се пресреќни што им нудат можност за добар живот, истакнуваат дека луѓето обично не ги сфаќаат сериозно како родители.
Многу луѓе одлучуваат да станат родители во раните 20-ти, без разлика дали ќе посвојат или ќе добијат биолошко дете.
Сепак, 23-годишната Тасија Тејлор и нејзиниот сопруг Дру (25), кои се наставници, ја изненадија јавноста кога споделија дека одлучиле да посвојат тинејџери – 13-годишната Рори и 15-годишната Тамиреј.
Ова значи дека нивните деца се едвај десет години помлади од нив.
Тасија вели дека ова е најдобрата одлука што ја донеле со сопругот, но истакнува дека поради возраста, никој не ја сфаќа сериозно како мајка.
Сепак, со сопругот пробуваат да ги игнорираат критиките и велат дека не им е воопшто криво што нивните деца веројатно ќе заминат на факултет и ќе се иселат од дома за само неколку години.
Тасија и Дру отсекогаш сакале да им помагаат на луѓето во тешка положба да застанат на нозе. Минататa година, пак, одлучиле и да посвојат дете.
„Прво одлучивме да го отвориме нашиот дом за бебе или дете до 6-годишна возраст. Ја почнавме потребната процедура, заедно со сите проверки од страна на службите за посвојување. Среде процесот, нè прашаа дали сакаме да ја посвоиме Рори, помладата ќерка.
Таа се всели кај нас на 1-ви април. Кога се всели, не бевме сигурни дали ќе можеме да ја посвоиме, ниту дали таа сака да биде посвоена. Но, знаевме дека нашиот дом ќе биде безбедно место за неа.
Рори официјално беше посвоена на 19-ти декември 2022 година, а најважно во сето ова беше нејзината согласност. Таа беше доволно возрасна за оваа одлука и всушност самата побара да ја посвоиме!
Рори одлично се вклопи во семејството, а нам ни се допаѓа што е во нашиот дом“, открива Тасија.
Набрзо потоа, и 15-годишната Тамиреј почнала да живее со парот. Тинејџерката, која ѝ е братучетка на Тасија, претходно живеела со нејзината баба.
„Тамиреј не е посвоена и веројатно нема да го правиме тоа бидејќи веќе сме во роднинска врска. Имаме легално старателство над неа“.
Како што веќе спомнавме, возрасната разлика помеѓу родителите и ќерките е 10-тина години, но ова не претставувало проблем во нивниот дом.
„Искрено, ние изгледаме помладо отколку што сме. Но, не ја чувствуваме чудната возрасна разлика во домот. Луѓето постојано имаат да ни кажат нешто за целата ситуација, а ние, како родители, не секогаш сме сфатени сериозно“.
Тасија е свесна дека со сопругот се премногу млади, но смета дека имаат доволно искуство како наставници и работа со тинејџери.
„Дури и со нашето искуство може да биде тешко да се справите со тинејџерки, но ние работиме напорно за да им ја дадеме целата потребна поддршка“.
Тасија вели дека двете ќерки имале тежок живот досега и се надева дека може да им помогне да го пребродат тоа.
„Прекрасно е што ги гледам дека се однесуваат како сестри по бројните трауматични искуства. Тие одново учат да сакаат и да веруваат, а мене ми е драго што сум дел од тоа патување“, додава Тасија.
Спирова С. | Црнобело